Сечата не е само уништување дрвја, тоа е кршење на природниот штит на селото!

36

 Денеска се навршуваат точно 100 дена отпор на жителите на Љубојно обидувајќи се да ја заштитат шумата од сечење. Жителите потенцираат дека шумата над Љубојно е нивниот штит и бараат право на живот без страв од порој, одрон или поплава. Порачуваат дека ќе останат на патот кон шумата сè додека тоа право не биде заштитено. Велат дека тие се мала заедница што не се предава.

– Љубојно ќе остане на својата стража. Еднаш кога заедницата ќе се разбуди – таа не заспива повторно – истакнаа жителите на селото.

Тие сто дена секое утро, без исклучок, одат на патот кон шумата за да го заштитат она што нив ги штити. Нагласуваат дека навидум се само десетици луѓе од едно мало преспанско село, а всушност, велат не се малку, туку ги има многу и насекаде и сите се обединети со иста цел и истата заложба.

– Стоиме секој ден. Исто место. Исто време. Иста цел. Сечата над Љубојно не е само уништување на дрвја, тоа е кршење на природниот штит што со децении го чува селото од поројни води, ерозија и разурнување на теренот. Секој дожд во последниве години ни покажува колку е кревка рамнотежата. Најмалата грешка таму горе во шумата, станува најголема опасност овде долу во селото – укажуваат жителите на Љубојно.

Нагласуваат дека за стоте дена виделе многу. Виделе како камиони го отвораат срцето на шумата, како жителите сами мораат да постават песок на патот за да спречат штета, како првиот дожд го поплави селото и како државата повторува една истата реченица: „Сè е регуларно“.

– Но она што државата не го виде, е најважното – Љубојно се разбуди – велат жителите.

Додаваат дека во овие сто дена станале заедница, ги исчистиле патеките околу селото, ги уредиле изворите.

– Се собраа младите генерации што со години беа отсутни од јавниот живот, го вративме гласот на луѓето од странство и научивме дека домот не се брани со зборови, туку со присуство – пишуваат жителите во соопштението.

 

ИЗДВОЕНИ