Сечачи, дотурачи, редачи и шумари, место на терен во канцеларија

Македонски Шуми под лупата на ревизорите

164

Со натрупани долгови од приближно 17,5 милиони евра, претпријатието Македонски Шуми постојано крева краткорочен кредит за исплата на платите, стои во последниот извештај на Државниот завод за ревизија.

ЈП за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ во 2023 година реализирало само 66 % од планираното производство на техничко и огревно дрво.

– На крајот на 2023 година, јавното претпријатие има искажано обврски спрема Буџетот на државата за проширена репродукција во износ од 7,3 милиони евра, додека за проста репродукција не е отворена посебна сметка и не се уплатени средствата во износ од 4,05 милиони евра. Истовремено, претпријатието побарува од државата 2,6 милиони евра по учеството во акцијата „Ден на дрвото“. Утврдено е и дека 95 отсто или 37.672 илјади денари од побарувањата од вработени, потекнуваат од период пред 2018 година и се однесуваат по основ на: кусоци на техничко и огревно дрво, нераздолжени аванси, неуплатен дневен промет од продажба, користење на угостителски услуги и друго. Поради не преземени мерки за нивна наплата и општиот рок на застареност, постои голема неизвесност, износот од 36.460 илјади денари, односно 590.920 евра (до 5 и над 5 години) да не се наплати – објави ДЗР.

Ревизијата утврдила неправилности и кај договорите за работа, бидејќи од вкупно 355 вработени на неопределено време, 73% или 259 вработени кои се примени на работни места сечачи, дотурачи, редачи и шумски работници, не ги извршуваат работните задачи и седат во канцеларии како административци.

Дополнително, претпријатието со сопствени ресурси извршува само 42,45% од фазата на сеча, 34,04% од дотурот и 32,13% од фазата на превоз, што значи дека над 50% од производниот процес е зависен од ангажирање на надворешни фирми.

Електронскиот систем за следење на дрвната маса кој треба меѓудругото да контролира и нелегална сеча, не е во функција.

-Набавен во износ од 32.518 илјади денари и тековно месечно одржување од 167 илјади денари е воведен во употреба од 2017 година, но не се користи од Државниот инспекторат за шумарство и ловство и шумската полиција, ниту се имплементирани сите фази на следење на дрвната маса, што ја ограничува можноста за контрола, следливост и транспарентност во управувањето со дрвната маса – од сеча до крајна продажба, констатирале ревизорите.

Во извештајот се потенцира неподготвеноста на ЈП од пожарите, нелегалната сеча и превенција на болести кај дрвјата.

Државниот ревизор речиси секојдневно објавува извештаи за работењето на институциите и детектира низа неправилности кои причиниле милионски штети. По овие извештаи треба да реагира Јавното обвинителство и да води предистага за откривање на можен криминал и корупција. Прашан дали институциите ќе реагираат за недомаќинското работење премиерот Христијан Мицкоски го повика обвинителот Коцевски.

– Не можете со ова Обвинителство, со овој обвинител да очекувате резултати во борбата против корупцијата и криминалот. Јас можам да ви набројам можеби 100, 200 пријави кои од страна на институциите се доставени до Обвинителството, а таму нема никаков резултат. Иснтитуциите пријавуваат, но залудно е со овие обвинители. Со овој обвинител тешко ,изјави Мицкоски. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ