Денеска почна амандманската расправа за ребалансот на буџетот. Поднесени се 200 амандмани. Игор Здравковски, пратеник од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека со алокацијата на средствата се зголемува финансиската дисциплина, ќе се овозможи пораст на приходите во државната каса и дополнителни финансиски средства за клучни сектори.

– Она што не знаат, односно, она за што се прават слепи, е фактот што Владата, со поддршка од Собранието, подолго време веќе работи на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, меѓу кои и оние од делот на социјалната политика, како зголемен број вработени во градинките и нови домови за стари лица –  додаде Здравковски.

Тој потсети дека со ребалансот се обезбедуваат 800 милиони повеќе за плати, 2,5 милијарди повеќе за пензии, 300 милиони денари дополнително за капитални инвестиции.

– Се вложува и во младите. Во образованието ќе се слеат 2 милијарди денари за изградба и рехабилитација на кампуси, студентски домови и училишта. Дури 111% повеќе средства има за проектот „купи куќа за млади“. Во фокусот се и јавниот транспорт и инфраструктура, каде се предвидуваат дополнителни 307 милиони за локални патишта и дополнителни средства за железничка инфраструктура. Има одвоено и значителни средства, односно 237 милиони денари за изградба и реконструкција на здравствени установи, како и нивна модернизација и дигитализација – потенцира Игор Здравковски.

Опозицијата повторно со критики за ребалансот на буџетот. Од СДСМ нагласуваат дека Македонија тоне во нов бран на растечка инфлација.

– Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, годишната инфлација е зголемена на 4,5 % – за толку се зголемени трошоците на животот во јуни 2025 година во споредба со јуни 2024 година.  Во истиот период цените на мало поскапеле за 3,7%. Статистиката не лаже – животот станува уште поскап, а инфлацијата притиска и ја опаѓа куповната моќ. Додека Мицкоски се расфрла со лажни бројки за некави економски успеси, релноста во секој дом е сосема поинаква – празни паричници, скапи производи и семејства кои едвај преживуваат од ден за ден. Никогаш граѓаните не биле посиромашни, како сега – велат од СДСМ и апелираат владата да преземе итни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и да ги покачи платите на работниците.

Вкупните приходи во ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти.

Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година според проекциите на Владата ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент. Стапката на невработеност се очекува да се намали на ниво до 11,1 проценти во 2025 година, а стапката на вработеност да достигне 47 проценти.

ИЗДВОЕНИ