Секојдневно се затвораат фабрики и се бркаат работници од работа, кризата во Германија силно удри врз македонската економија. Ударот најмногу го почувствува текстилната индустрија, но погодени се и автомобилската индустрија и другите индустриски гранки што се тесно поврзани со германската економија. Работодавците се свесни за ситуацијата, но не се оптимисти дека ќе се промени нешто во блиска иднина, на долгорочен план. Тие сметаат дека фокусирањето на само еден пазар е убиствено за компаниите, што се покажа и како погубно во случајот со царините што ги воведе американскиот претседател, Доналд Трамп. Поради тоа, економистите сметаат дека е потребно да се настапува повеќе на глобалниот пазар, а да не се врзува за еден пазар и за една економија.
– Секојдневно се затвораат фабрики и се бркаат работници од работа. Во моментот, работат само оние што произведуваат работна опрема за војската, полицијата, противпожарните служби и за заштита и спасување. Сите модни куќи имаат намалување на производството поради намалената побарувачка. Сето тоа е резултат на зголемената инфлација, зголемените трошоци за воената индустрија, стравот од војна во Европа… Има пад на побарувачката и во другите европски држави, но ние најмногу сме врзани за Германија и затоа сè што се случува таму, негативно се одразува на нашиот пазар. Речиси сите текстилни фабрики во Источна Македонија имаат проблеми со обезбедувањето работа за своите капацитети – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров, директор на АД „Мода“ од Свети Николе и претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи.
За една година, бројот на работници во текстилната индустрија е намален за повеќе од 8 отсто и се очекува да продолжи тој тренд, со оглед на тоа што секојдневно се затвораат фабрики. Некогаш текстилниот сектор имаше 65 илјади вработени, а сега бројот се движи од 25 до 27 илјади, за кои е тешко да се обезбеди работа.
– Состојбата може да оди на полошо, особено поради фактот што се намножија проблемите во текстилниот сектор. Единствена светла точка гледаме во запирањето на војната во Украина, која може да го врати оптимизмот кај германските потрошувачи, а со тоа и нашата текстилна индустрија да се врати во живот. Ако останат работите вака како што се, ќе се стави клуч на сите текстилни фабрики што работат лон-производство, а такви се 90 отсто од македонските компании – објаснува Димитров.
Сепак, проблемот не е само во намалените нарачки од европските земји туку и во тоа што текстилниот сектор во Македонија има сериозна конкуренција од Блискиот Исток.
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата, смета дека фокусирањето на само еден пазар е убиствено за компаниите, и токму тоа ни се случува со Германија.
– Направена е лоша калкулација во стратегиите и плановите на компаниите што немаат план Б. Ова е аларм дека треба да се отвораме како пазар, да се следат другите пазари и да се приспособува производството. Политичката, економската и енергетската криза во Германија силно се одразија и врз нашата индустрија и компаниите. За да не ни се случува ова постојано, во иднина треба повеќе да се фокусираме на глобалниот пазар, преку поголема продуктивност, поевтини суровини, паметни инвестиции, поголема дигитализација, за што е потребна помош од државата – изјави Бошков за ВЕЧЕР.
Освен текстилната индустрија, погодена е и автомобилската индустрија, како и другите индустриски гранки што произведуваат полупроизводи за германската индустрија.
Инаку, бројките покажуваат дека во текстилниот сектор, од почетокот на годинава досега, се отпуштени над 5.000 работници, а за три недели, пак, се затворени три фабрики со по 100-ина вработени. Текстилната индустрија учествува со над 10 отсто во вкупното индустриско производство и некогаш важеше за мотор на домашната економија.
(А. С.)