Вистинска драма се одвиваше денеска во централното градско подрачје на Кочани, откако избувна пожар во кујнскиот дел на угостителски објект сместен во тамошниот Трговски центар. Причината за инцидентот било запалување на црево поврзано со плинска боца, што предизвикало голема загриженост кај присутните граѓани.
Благодарение на присебноста на вработените во објектот, спречена е поголема трагедија. Тие реагирале молскавично и со помош на противпожарни апарати успеале да го локализираат огнот пред тој да се прошири низ целиот ресторан. Веднаш по нив, на местото на настанот пристигнала екипа на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Кочани. Пожарникарите експресно ги извлекле плинските боци од опожарениот простор, со што ја елиминирале опасноста од разорна експлозија и дополнително го обезбедиле теренот.
Иако огнот бил брзо изгаснат, густиот чад преку вентилацискиот систем навлегол во дел од становите во блокот А на Трговскиот центар. Поради тоа, неколку семејства биле принудени превентивно да ги напуштат своите домови.
На терен излегла и полицијата, а надлежните служби во моментов вршат увид за точно утврдување на причините кои довеле до запалувањето на плинската инсталација. Сведоците на настанот се едногласни дека само брзата интервенција спречила катастрофални последици.












