Со Законот за контрола на индустриски емисии, што го изгласа Собранието, заклучоците за најдобри достапни техники (НДТ) од европските директиви стануваат обврзувачки за домашните индустриски капацитети. Тие ќе мора да ги усогласат своите услови за работа како и постојано да ги намалуваат негативните влијанија врз животната средина.
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, вели дека се заоструваат условите при работа на индустриските капацитети со што дозволените концентрации на емисиите ќе се намалат.
– Законот се носи првпат во државава и ќе значи почист воздух, вода и почва, помало создавање отпад и подобра заштита на здравјето. Граѓаните ќе добијат поголема сигурност дека индустријата функционира со намалено влијание врз нивното секојдневје – објаснува Лашкоска.
Таа најавува дека мониторингот ќе се спроведува преку мерења на емисиите во воздух, вода и почва, од страна на акредитирани лаборатории. Ако се утврдат отстапувања, вели дека ќе следуваат опомени и рокови за корекција, а доколку нема усогласување – предвидени се парични казни и прекин на работењето, односно одземање на интегрираната дозвола.
Законските одредбите кои ги регулираат индустриските емисии во нашата држава се во сила со донесувањето на Закон за животна средина (2005 година), кој, всушност, целосно ја транспонира старата европска директива за индустриски емисии (Directive 96/61/EC of 24 September 1996). Со новата Директива на ЕУ по однос на индустриските емисии (Directive 2010/75/EU), се менува пристапот кон користењето на НДТ-заклучоците (заклучоци за Најдобри достапни техники), кои со новиот закон стануваат обврзувачки, што, вели Лашкоска, значи дека индустриските капацитети, своите услови за работа ќе мора да ги усогласат со најдобрите достапни техники, како и постојано да ги намалуваат негативните влијанија врз животната средина.
– Бидејќи нашата држава има воведено систем на издавање на интегрирани еколошки дозволи од 2005, како за индустриските капацитети така и за администрацијата, интегрираниот систем не претставува новина. Но, со новиот Закон, односно со примената на НДТ-заклучоците, се заоструваат условите при работа на индустриските капацитети, односно дозволените концентрации на емисиите ќе се намалат. Државните институции, пред сè Министерството за животна средина и инспекторатите, ќе бидат одговорни за издавање на дозволите, контрола на почитувањето и транспарентно информирање на јавноста – наведува Лашкоска.
Таа додава дека тоа ќе значи почист воздух, вода и почва, помало создавање отпад и подобра заштита на здравјето. Граѓаните ќе добијат поголема сигурност дека индустријата функционира со намалено влијание врз нивното секојдневје.
Лашкоска појаснува дека најавениот интегриран пристап за следење на емисиите се постигнува преку една интегрирана постапка, како и издавање на една интегрирана еколошка дозвола, која ги опфаќа сите аспекти на животната средина.
– На тој начин нема бројни процедури, туку еден систем кој ги следи сите емисии истовремено и бара оптимални решенија за нивно намалување – објаснува Лашкоска.
Со законот се воведува и начелото „загадувачот плаќа“, што значи дека сите трошоци за загадувањето ги сноси оној што го предизвикува.
– Загадувачот е должен да ги надомести трошоците за отстранување на опасноста од загадување на животната средина, да ги поднесе трошоците за санација и да плати правичен надомест за штетата причинета врз животната средина, како и да ја доведе животната средина, во најголема можна мера, во состојба како пред оштетувањето – укажува Лашкоска.
Во однос на следењето на примената на законот наведува дека Министерството за животна средина и просторно планирање располага со обучени кадри и систем за инспекциски надзор, кој ќе се зајакнува со нова опрема и дигитални алатки.
– Во сезоните со зголемено загадување ќе се спроведуваат засилени контроли и координација со другите инспекторати и општините – најавува Лашкоска.
Со Законот за контрола на индустриски емисии, стои во образложението, се создава рамка со која треба да се овозможи намалување на негативните влијанија предизвикани од вршењето на дејностите и активностите што се спроведуваат во инсталациите и постројките преку дејствување во изворот на загадувањето и негово следење со мерки на мониторинг.
Исто така, треба да се обезбеди соодветен интегриран пристап за спречување и контрола на емисиите во воздухот, водата и почвата, спречување или намалување на создавањето отпад и намалување на нивото на бучава.
Со Законот треба да се постигне и енергетска ефикасност и спречување на настанување несреќи во инсталациите и постројките што вршат индустриски активности, да се обезбедат еднакви услови за работа на инсталациите и постројките при што контролата на емисиите во животната средина ќе соодветствува на видот на дејноста или на активноста што се вршат таму.
Предвидено е и обезбедување на учество на јавноста во донесувањето на одлуки при издавањето на интегрираните еколошки дозволи и донесување на општи обврзувачки барања, транспарентност во работењето на инсталациите и
постројките кои се од значење за животната средина, како и воспоставување на еквивалетни барања за заштита на животната средина за сите инсталации или постројки, согласно со влијанието што го имаат од вршењето на дејноста или активноста.
Законот за контрола на индустриски емисии e изработен со помош на Европската Унија преку Твининг-проектот МК11/IB/EN/01/R „Зајакнување на административните капацитети на централно и локално ниво за транспонирање и спроведување на новата Директива за индустриски емисии 2010/75/ЕУ“ која ги поставува основните принципи за издавање на дозволи и контрола на инсталациите, базирајќи се на интегриран пристап и задолжителна имплементација на заклучоците за најдобри достапни техники (НДТ-заклучоци). Претставува приближување на националното законодавство со европското заради потребата од обезбедување услови за интегрирано спречување и контрола на загадувањето предизвикано од индустриските активности, како и во обезбедувањето услови за спречување или намалување на емисиите во воздухот, водата и почвата и спречување на генерирањето отпад.