СЕ ЗАЈАКНУВААТ АКАДЕМСКИТЕ РЕДОВИ ВО МАНУ: Блажо Боев и Изет Зеќири предложени за нови академици, 14 кандидати за дописни членови…

1166

Економист и доскорешен ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“, Изет Зеќири, и Блажо Боев, геологот и поранешен ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се предлози за нови редовни членови на МАНУ предложени од соодветните одделенија на оваа институција по објавениот оглас за прием на нови академици. Тие се само дел од вкупно 22 кандидати кои се предложени во категориите на редовни и дописни членови, членови надвор од работниот состав и почесни членови, а за чиј прием ќе се изјаснува изборното Собрание на МАНУ во идниот период. Огласот за прием на нови академици беше објавен пред неколку месеци, по што следуваше предлагањето на кандидати од страна на соодветните предлагачи. По пристигнувањето на кандидатурите, соодветните Одделенија на МАНУ се изјаснуваа за подобноста на кандидатите, по што, предлозите биле утврдени. Од вчера тие се на увид на јавноста во библиотеката на МАНУ, заедно со одлуките и образложенијата. До ова доаѓа откако на неодамнешното редовно годишно Собрание на МАНУ беше најавено дека ќе се зајакнува учеството на припадниците на етничките заедници во академските редови. Од објавените предлози се гледа дека меѓу 22 предлога тројца кандидати се од редовите на албанската етничка заедница.

Актуелниот дописен член Блажо Боев (67) е предложен од страна на Одделението за Природно-математички и биотехнички науки на чија седница сите тројца членови во неговиот состав дале глас Боев да стане редовен член на Академијата. Боев е редовен универзитетски професор по група предмети од областа на геологијата на Факултетот за природни и технички науки при УГД во Штип.

– Тој е еден од најафирмираните истражувачи и научници од Македонија на поширокиот европски и балкански простор во полето на науките за земјата, односно, во полето на геологијата. Една од неговите најважни научноистражувачки активности е учеството во мегапроектот „Лорекс“, чија главна цел е откривање на соларни неутрини со помош на изотопот на олово-203 во минералот лорандит од лежиштето Алшар. Лежиштето Алшар во минералогијата претставува реткост од светско значење, а Боев даде огромен придонес во овој проект – пишува во образложението на предлогот.

За Изет Зеќири (58), кој исто така, досега беше дописен член на Академијата, е наведено дека неговата научноистражувачка работа оди постојано по нагорна линија. На гласањето во Одделението за општествени науки тој добил едногласна поддршка од сите шест члена.

– Неговата библиографија на објавени трудови има повеќе од 100 библиографски единици – книги, монографии, проекти…Тој се интересира и ги истражува и менаџерските проблеми и предизвици во општествените дејности какви што се образованието, здравството, локалната самоуправа – се наведува во образложението.

На неодамнешното редовно годишно собрание на МАНУ беше најавено дека со приемот на нови членови ќе се зајакнува и присуството на припадниците на етничките заедници во Македонија.

– МАНУ ќе се залага да го зајакне својот мултиетнички карактер и присуството на заедниците во нејзините редови. Законот, статутот, интерните акти и правилниците за МАНУ пропишуваат јасно утврдени квалитативни и квантитативни критериуми. Ги охрабруваме заинтересираните кандидати од сите етнички заедници и ги повикуваме сите овластени предлагачи навремено да ги истакнат кандидатурите на оние што според наведените критериуми и вредности го заслужуваат ова високо општествено признание, за што во наредниот период ќе биде објавен конкурс – изјави тогаш претседателот Живко Попов.

Значителен број на кандидати – нив 14 – се предложени за дописни членови на МАНУ. Така, за дописен член од Одделението за лингвистика и литературна наука е предложен Илија Велев, еден од најпознатите македонски медијависти, научен работник и книжевен творец, редовен професор и научен советник во ЈНУ Институт за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и автор на бројни научни трудови. Одделението за општествени науки ја предложи универзитетската професорка од Правен факултет на УКИМ, Гордана Лажетиќ, додека Одделението за технички науки за дописни членови ги предложи Димитар Трајанов, универзитетски професор на ФИНКИ и Мирко Тодоровски, универзитетски професор од ФЕИТ. Тројца кандидати се предложени за дописни членови од страна на Одделението за природно-математички и биотехнички науки: Златко Левков, биолог и универзитетски професор на Факултетот за природни науки, Александар Узунов, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, како и Башким Зибери, универзитетски професор на Државниот универзитет во Тетово.

Најмногу предлози за дописни членови – дури седум – се добиени од Одделението за уметност на МАНУ. Меѓу нив се музичарот Драган Даутовски, сликарите Невзат Бејтули, Новица Трајковски скулпторите Жарко Башески и Александар Сашо Саздовски, како и писателите Ивица Џепароски и Блаже Минески.

За членови на Академијата надвор од работниот состав се предложени Сибила Петлевска, хрватска писателка со македонско потекло, Гордан Караман, редовен член на Црногорската академија на науките и уметностите, како и Светлана Мојсов, вонреден истражувачки професор на Универзитетот „Рокфелер“ во САД и Стојко Стојков, универзитетски професор на Факултетот за образовни науки на УГД во Штип и активист во движењето на Македонците во Бугарија како сопретседател на ОМО „Пирин“ (2004 – 2006) и на ОМО „Илинден“– Пирин (2006-:-2025 г.) како сопретседател и портпарол. Во периодот 2011 – 2025 г., има изготвено 15 извештаи за положбата на македонското малцинство во Бугарија.  (Б. Ѓ.)

Почесни членови Владо Поповски и Трајче Стафилов

За почесни членови на МАНУ се предложени универзитетските професори во пензија, Владо Поповски и Трајче Стафилов. Поповски беше и министер во македонските влади, како и еден од тројцата автори на работниот текст на Уставот на Р Македонија, донесен на 17 ноември 1991 година. Тој бил и прв директор на Агенцијата за разузнавање на Македонија. Трајче Стафилов, пак, е познат македонски хемичар зад кого стојат бројни научни трудови и проекти.

ИЗДВОЕНИ