Земјите-членки на Европската унија го одобрија 19. пакет санкции против Русија, кој вклучува, меѓу другото, забрана за увоз на руски течен природен гас на европскиот пазар од 1 јануари 2027 година, една година порано од првично планираното. Договорот е постигнат откако последната земја-членка, Словачка, даде согласност. Сега е започната писмена постапка за формална одлука, и доколку нема приговори до утрово, пакет официјално ќе стапи на сила.
Забраната за увоз на руски течен природен гас ќе се спроведува во две фази. Краткорочните договори ќе завршат за шест месеци, а долгорочните на 1 јануари 2027 година. Новиот пакет вклучува санкции за уште 118 руски бродови од таканаречената флота во сенка, со што бројот на санкционирани бродови се искачи на повеќе од 560.
За прв пат се воведуваат рестриктивни мерки против крипто платформа и забрана за трансакции со криптовалути, додека странските банки поврзани со руските алтернативни системи за плаќање се исто така цел на мерките.
Допоплнително и администрацијата на Доналд Трамп објави санкции врз најголемите производители на нафта во Русија, воведувајќи го својот прв голем пакет финансиски казни врз економијата на претседателот Владимир Путин, како дел од новиот обид за ставање крај на војната во Украина.
– Министерството за финансии ги стави на црната листа државните нафтени гиганти „Роснефт“ и „Лукоил“ поради „недостатокот на сериозна посветеност на Русија кон мировниот процес за ставање крај на војната во Украина“, се вели во соопштението.
Цените на нафтата веднаш скокнаа како одговор на санкциите, при што Брент порасна за дури 3% вчера и се тргуваше над 64 долари за барел. Обновената закана од прекин на руските испораки го разгорува глобалниот пазар на нафта кој се подготвува за драматичен вишок на испораки.
Државно контролираниот „Роснефт“, предводен од блискиот сојузник на Путин, Игор Сечин, и приватната компанија „Лукоил“ се двата најголеми руски производители на нафта, кои заедно сочинуваат речиси половина од вкупниот извоз на сурова нафта во земјата, според проценките на „Блумберг“. Даноците од нафтената и гасната индустрија сочинуваат околу една четвртина од федералниот буџет.
(С.Бл.)