Земјите-членки на Европската унија го одобрија 19-тиот пакет санкции против Русија, кој вклучува, меѓу другото, забрана за увоз на руски течен природен гас на европскиот пазар од 1 јануари 2027 година, една година порано од првично планираното, објави синоќа данското претседателство.
Договорот е постигнат откако последната земја-членка, Словачка, даде согласност. Сега е започната писмена постапка за формална одлука, и доколку нема приговори до утрово, 19-тиот пакет официјално ќе стапи на сила, објавува Хина.
Забраната за увоз на руски течен природен гас ќе се спроведува во две фази. Краткорочните договори ќе завршат за шест месеци, а долгорочните на 1 јануари 2027 година.
Новиот пакет вклучува санкции за уште 118 руски бродови од таканаречената флота во сенка, со што бројот на санкционирани бродови се искачи на повеќе од 560.
За прв пат се воведуваат рестриктивни мерки против крипто платформа и забрана за трансакции со криптовалути, додека странските банки поврзани со руските алтернативни системи за плаќање се исто така цел на мерките.
Договорот е постигнат пред есенскиот самит на лидерите на земјите-членки, кој започнува денеска.