Две нискобуџетни авиокомпании банкротираа и стотици лица останаа без работа. Првиот човек на британската „Рајанер“,Мајкл О’Лири, прогнозира серија нови банкроти и има неубави прогнози за унгарската „Визер“, која држи дури 60 проценти од авиопазарот во Македонија, благодарение на владините субвенции. За влез на „Рајанер“ на македонскиот пазар, имаше преговори, но, како што беше кажано во текот на август годинава, нашата Влада ја одбила понудата на британскиот нискобуџетен авиопревозник поради високите субвенции што ги побарал и поради некои други неприфатливи услови  

 

До крајот на годинава би можело да дојде до банкрот на неколку мали и средни авиокомпании во Европа поради сè поголемата конкуренција на пазарот на нискобуџетни летови. Нога повлече исландската нискобуџетна авиокомпанија „Плеј“, која деновиве објави моментален прекин на работењето поради недостиг на финансии. Без работа останаа 400 вработени. Компанијата покриваше околу 30 дестинации од Исланд, главно во Европа, а имаше и чартер- летови за други авиопревозници.

Исто така, банкротираше и шведската „Братенс“, а првиот човек на британската „Рајанер“, Мајкл О’Лири, има неубави прогнози и за унгарската „Визер“, која држи дури 60 проценти од авиопазарот во Македонија, благодарение на владините субвенции.

Според О’Лири, следува серија банкроти, посочувајќи дека „Изиџет“, втората по големина авиокомпанија во Франција и најголема авиокомпанија во Европа, во поглед на мрежата е веќе заглавена до гуша. Тој предвидува дека „Ер франс – КЛМ“би можела да ги засили своите операции во Франција и во Швајцарија, а британскиот превозник „Бритиш ервејс“ да го преземе лондонскиот аеродром „Гетвик“, кој е за летови на европскиот континент. О’Лири посочи дека шпанската „Аена“ префрлила милион седишта од регионалните аеродроми во големите градови.

Првиот човек на „Рајанер“ ја посочи „Визер“ како авиопревозник што има сериозни финансиски проблеми, предизвикани, според него, „од продажба на авиони во текот на пандемијата и скапи договори за лизинг“, опишувајќи го тој финансиски модел како „пирамидална шема што функционирала само во текот на растежот“.

– Не мислам дека „Визер“ ќе пропадне во следните неколку недели, но мислам дека е неизбежно или да пропадне или да биде купена од некого во одреден момент. Тие се фокусираат повеќе на Источна Европа. Во последните пет години, „Визер“ го сметаше профитот од овие операции во својот биланс како да е некаква пирамидална шема. Колку растеш толку повеќе профит остваруваш. Но, сега престана да расте и повеќе не може да го прави ова  нагласи О’Лири.

„Визер“ опслужува десетина дестинации од Македонија, што е 60 проценти од вкупниот авиосообраќај во земјава и на Скопскиот аеродром има инсталирано своја база од шест авиони. Од македонската држава добива субвенции од 9 евра од патник на доаѓање на Скопскиот аеродром и 12 евра на Охридскиот аеродром.

За влез на „Рајанер“ на македонскиот пазар, имаше преговори, но, како што беше кажано во текот на август годинава, нашата Влада ја одбила понудата на британскиот нискобуџетен авиопревозник.

– Се сретнавме со нив два-три пати. Причината зошто не се на нашиот пазар се условите што ги поставија. Во практика, тие сакаат аеродромите во Скопје и во Охрид да бидат опслужувани исклучиво од „Рајанер“, што би значело дека државата би трошела огромни суми пари само за нив. Тие, исто така, бараат времето помеѓу слетувањето и полетувањето да трае максимум 35 минути. Ова би нè натерало да вработиме неколку стотици дополнителни работници на аеродромите само за да ги задоволиме нивните потреби – објави порталот „Екс ју авиејшн“, повикувајќи се на изјава на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

Од „Рајанер“ побарале субвенциите за пристигната патник да бидат 20 евра одпатник во Скопје, а 25 во Охрид, што, според Николоски, би значело банкрот за државата ако им даде такви услови на сите.

„Рајанер“ од 14 ноември ќе воведе патниците да се пријавуваат за лет преку нејзина мобилна апликација, иако печатените билети ќе се прифаќаат и оваа зима.

Штрајк во најава во М-НАВ: Македонија без воздушен сообраќај на 20 и на 24 октомври

И додека во Европа се случуваат турбуленции на авиопазарот, во Македонија стигна најава за штрајк на контролорите на летање на 20 и на 24 октомври. Од Синдикатот на Македонската навигација ја активираа одлуката за штрајк, што би значело затворање на македонскиот воздушен простор за сообраќај, поради тоа што менаџментот на М-НАВ не ги исполнил претходно дадените ветувања. Според нив, состојбата во претпријатието задолжено за безбедноста во авиосообраќајот е загрижувачка, а неопходните кадровски решенија се одложуваат и блокираат.

Од Синдикатот велат дека 20 октомври е намерно избран како датум за почеток на штрајкот, поради завршувањето на локалните избори.

– Не сакаме да му дадеме можност на раководството на М-НАВ да го прикаже штрајкот како политички мотивиран – велат од ССКЛМ.

Контролорите бараат запирање на партиските вработувања во М-НАВ, а од Министерството за финансии да одобри да се објавуваат огласи за нови контролори и инженери, како и распишување тендер за избор на меѓународна независна агенција за изработка на функционална анализа на потребите на претпријатието. Од Синдикатот се закануваат дека во случај да не биде постигнат договор, ќе се штрајкува секои понеделник и четврток во првата и во четвртата недела во месецот, сè до исполнување на барањата.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ