Жителите на Извор алармираат дека би можело да дојде до загрозување на безбедноста на браната на липковската акумулација, од која со вода се снабдуваат градот Куманово и околината. Тие, во писменото соопштение до медиумите, велат дека фирма почнала со нелегални активности за отворање каменолом на само 300 метри од липковската брана, што може да предизвика катастрофални последици.
Од МЖСПП за весникот ВЕЧЕР изјавија дека надлежните инспекциски служби ќе направат увид и ќе постапат согласно со своето законско овластување, доколку се утврдат неправилности
Жителите на Извор алармираат дека би можело да дојде до загрозување на безбедноста на браната на липковската акумулација, од која со вода се снабдуваат градот Куманово и околината. Тие, во писменото соопштение до медиумите, велат дека фирма почнала со нелегални активности за отворање каменолом на само 300 метри од липковската брана, што може да предизвика катастрофални последици.
– Советот на селото Извор, Липково, сака јавно да ве информира дека за случајот со нелегалните активности на фирмата што започна со отворање патишта и со уништување на планинскиот предел во атарот на нашето село, веќе се преземени сериозни чекори и се известени надлежните институции – МВР, претседателот на Владата, релевантните министерства одговорни за заштита на животната средина, земјоделство и локален развој, странските амбасади во земјава, кои ја поддржуваат заштитата на природата и локалните заедници – се наведува во известувањето.
На сите институции им се доставени и потписите од петицијата на жителите на селото Извор.
– Категорично се спротивставуваме на отворањето на каменоломот и бараме целосно запирање на овие активности. Особено е важно да се потенцира дека овие активности сериозно ја загрозуваат браната на Ликово, која се наоѓа во близина. Доколку се отвори каменолом и се изведува минирање, постои реална опасност од оштетување на ѕидот на браната, што би имало катастрофални последици за целиот регион. Исто така, се загрозуваат природата и пределот на соседното село Думаноц, кое директно ќе биде погодено од уништување на шумите, ерозија, прашина и од нарушување на екосистемот – потенцираат жителите на Извор и најавуваат дека нема да запрат со притисокот додека целосно не се стопираат активностите за отворање на каменоломот, нагласувајќи дека се работи за прашање на животна средина, водни ресурси и за безбедност на населението.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за весникот ВЕЧЕР изјавија дека се запознаени со случајот во врска со минирањето во близина на селото Извор, Општина Липково, на околу 300 метри од браната Липково, поради отворање каменолом.
– Во таа насока, сакаме да укажеме дека надлежноста за контрола на начинот на изведување на минирањата и безбедносните аспекти од тие активности е во рацете на Министерството за внатрешни работи, додека контролата на концесијата, вклучително и условите за експлоатација, е под надлежност на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Доколку за овој проект е издадена концесија за експлоатација, инвеститорот е должен да поседува елаборат за заштита на животната средина, согласно со Законот за животна средина и согласност од аспект на водите, согласно со Законот за води. МЖСПП ќе провери дали за конкретната локација е доставена и одобрена соодветна документација – велат од МЖСПП.
Оттаму нагласуваат дека МЖСПП, со надлежните инспекциски служби, ќе изврши увид и ќе постапи согласно со своето законско овластување, доколку се утврдат неправилности. МЖСПП останува посветено на заштитата на животната средина и на природните ресурси, вклучително и заштитата на водните тела и на критичната инфраструктура, како што се браните – велат од МЖСПП.
(С. Бл.)