Дива форма на полиовирусот е откриена во примероци од отпадни води во Германија, соопшти Националниот здравствен институт на земјата, објави „Ројтерс“.
Откритието доаѓа повеќе од 30 години откако беа регистрирани последните случаи на полиовирус во Германија и е првпат дивиот вирус да биде откриен во примероци од животната средина во земјата откако започна мониторингот за болеста во 2021 година.
Најновото откритие е удар врз напорите за искоренување на смртоносната болест низ целиот свет, соопшти агенцијата.
- Див полиовирус тип 1 (WPV1) е откриен во примероци од отпадни води од канализација во Германија, соопшти Институтот Роберт Кох, додавајќи дека не се пријавени случаи на инфекција кај луѓе.
Институтот соопшти дека ризикот за населението во Германија е многу низок поради високата стапка на вакцинација и затоа што откривањето на дивиот вирус во канализацијата е „изолирана“ појава.
Полиото е вирусна инфекција која може да предизвика смрт или парализа, но може да се спречи со вакцинација.
Постојат две форми на полио во светот, при што дивиот полио е поредок вид и е присутен само во Авганистан и Пакистан, потсетува агенцијата.











