Последните двајца пациенти повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска ќе бидат отпуштени од Клиничкиот центар на Србија, соошти проф.д-р Милан Стојчиќ, раководител на Клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија на Универзитетскиот клинички центар на Србија.
Станува збор за Ангела Бошковска (24) и Андреј Георгиев (23), кои попладнево ја напуштија Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Третманот на нивните повреди ќе продолжи во здравствените установи во Македонија.
Двајцата млади пациенти изразија длабока благодарност до медицинскиот персонал во УКЦС за несебичната грижа и посветеност во текот на нивниот престој.
Во име на македонските институции, благодарност до српските лекари и целиот тим на УКЦС изрази и македонскиот амбасадор во Белград, Никола Тупанчевски.
Директорот на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Милан Стојичиќ, се заблагодари на српските власти, министерот за здравство Златибор Лончар, како и на македонските институции за постојаната комуникација и соработка.
„Изразувам и благодарност до македонските власти кои секојдневно беа во контакт со нас, како и на амбасадорот Тупанчевски кој постојано се грижеше за состојбата на пациентите. Денеска ги отпуштаме последните двајца пациенти кои ги лекувавме по трагичниот настан во Кочани. Вкупно 17 пациенти беа примени на 16 и 17 март. Сите беа згрижени и успешно лекувани во Ургентниот центар,“ изјави д-р Стојичиќ.
Тој нагласи дека сите пациенти примени во УКЦС по несреќата во Кочани се успешно рехабилитирани и преживеале, благодарение на навремената и стручна медицинска интервенција.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на лице место загинаа 59 лица, а тројца починаа подоцна на лекување во странство – две лица во Литванија и едно во Србија.