Младинскиот културен центар за момент ќе го врати детското диско во Скопје со предновогодишна забава „Кидс диско“, која ќе се одржи на 28 декември, со почеток во 11 часот. Предновогодишната забава ќе биде наменета за деца од 2 до 12 години.
– Настанот носи современа, возбудлива и безбедна детска забава, инспирирана од традицијата на популарните дискотеки за деца од 90-тите, кои токму во МКЦ имаа свој препознатлив дом. Со оваа иницијатива сакаме да создадеме модерна верзија на таа магија: сигурна, креативна и незаборавна забава за најмладите, во духот на едно убаво детство. Детското диско е омаж на една традиција која заслужува да продолжи, овој пат со нов ритам и со многу повеќе боја – нагласуваат од оваа институција.
Оттаму информираат дека настанот е креиран во соработка со педагози и со детски професионалци, со цел да обезбеди квалитетна, културна и контролирана атмосфера, каде што најмладите посетители ќе уживаат во забавна и во динамична програма, специјално приспособена за нивната возраст.
Ќе има детски диџеј со внимателно селектирана музика, маскоти и интерактивни игри, професионални акробатски настапи, аниматори, игри, танци и бројни изненадувања, цртање на лице и моделирање балони, сето тоа проследено со безбедносни стандарди и со контролирана атмосфера за најмладите.
Организаторите истакнуваат дека целта на детското диско е да се креира модерно, забавно и едукативно искуство, кое ќе ја врати магијата на едно убаво детство, истовремено приспособено на денешните стандарди на безбедност и креативна анимација.












