Со новиот Закон за енергетика и со законските решенија што се однесуваат на рударството, а се во фаза на изработка, се става акцент на воведувањето на построги стандарди за заштита на животната средина, зголемување на транспарентноста во работењето на компаниите, поголема контрола врз безбедноста и здравјето при работа, како и обврската за инклузивен дијалог со локалната заедница.

Меѓудругото, за ова министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска ги информираше Гавин Ферар, главен извршен директор на Централ Азија Металс – британска компанија во чии состав е рудникот „САСА“ од Македонска Каменица, како и со Џејмс Караматич, новоименуван генерален директор на рудникот.

– Нашата цел е да обезбедиме јасни правила на игра за компаниите и највисоко ниво на заштита на граѓаните и животната средина. Рударството треба да се развива на одржлив начин, кој ќе обезбеди и економски раст и сигурност за работниците – истакна министерката Божиновска.

Претставниците на компанијата ја поздравија законската иницијатива и изразија подготвеност за целосно усогласување со новите стандарди. Тие нагласија дека како дел од стратегијата за одржлив развој, во изминатите седум години во „САСА“ веќе е вложено во современа рударската опрема, дигитализација, обука и професионален развој на вработените, воведување на најсовремени технологии и стандарди во производството и заштитата на животната средина, како и во подобрување на условите за работа и безбедноста, која е највисок приоритет.

Тие изразија подготвеност за поддршка на институционалниот дијалог кој треба да овозможи натамошен одржлив развој на рударскиот сектор во земјата, според најдобри практики и стандарди за одговорно рударство.

ИЗДВОЕНИ