Во основните училишта во Општина Аеродром се воведува текбал, релативно нов спорт, што е комбинација на фудбал, одбојка и пинг-понг. Преку Македонскиот олимписки комитет во соработка со Светската текбал-федерација се набавени по три маси за текбал за сите основни училишта.

– Ултра популарниот спорт кој зема сè поголем замав во светот се игра на искривена маса со мрежа како за пинг-понг, а натпреварувачите треба да ги покажат сите технички фудбалски квалитети за да освојат поен. Се игра до 12 поени од сет во три сета – објаснуваат од Општина Аеродром.

Во соработка со Македонската текбал-федерација и Сојузот на училиштен спорт на Општина Аеродром периодов се спроведува обука на наставниот кадар по физичко и здравствено образование за користење на таблите, за правилата на игра, како и за начинот на кој се користат специјалните топки за текбал.

– Воведувањето на текбалот има цел учениците од основните училишта да се запознаат со нов спорт, да развијат нови вештини, а најдобрите ќе можат да почнат со тренинзи и професионално спортување – потенцираат од Општина Аеродром.

 

ИЗДВОЕНИ