Германија ќе воведе ограничување на плаќањата во готово за прв пат од средината на 2027 година. Станува збор за спроведување на нова регулатива на Европската Унија насочена кон борба против перењето пари и отежнување на финансирањето на тероризмот. Сепак, новите правила нема да важат за сите видови плаќања.
Досега, плаќањата во готово во Германија не беа ограничени, но тоа се менува. Правната основа за воведување на ограничувањето беше усвоена од Европската Унија и Европскиот парламент во 2024 година како дел од нов пакет мерки за борба против перење пари (Регулатива 2024/1624 и Директива 2024/1640). Регулативите беа објавени во јуни 2024 година во Службениот весник на ЕУ.
Од 10 јули 2027 година, во готово во деловни трансакции ќе можат да се платат максимум 10.000 евра. Сè што е над тој износ ќе мора да се плати безготовински, на пример преку банкарски трансфер, картичка или дигитални услуги за плаќање.
Ова е прв пат да се воведе единствен минимален стандард на ниво на целата Европска Унија. Ограничувањето се однесува исклучиво на трансакции во кои барем едната страна е деловен субјект. На пример, купувањето автомобил од трговец е предмет на ограничување од 10.000 евра.
Меѓутоа, ако приватно лице продаде автомобил на друго приватно лице, плаќањето во готово е сè уште можно без ограничување, под услов ниту едната страна да не дејствува во рамките на регистрирано работење.
Истиот исклучок важи и за купопродажбата на недвижен имот меѓу приватни лица, но нотарите веќе мора да го евидентираат начинот на плаќање.
Новите правила носат дополнителна обврска: за плаќања во готово над 3.000 евра, трговците и давателите на услуги ќе мора да го проверат и евидентираат идентитетот на клиентот. Ова значи дека клиентите ќе мора да ја покажат својата лична карта кога плаќаат за поскапи производи, како што се часовници, лаптопи или мебел.
Во споредба со другите земји-членки, Германија се смета за една од последните големи економии што вовела такво ограничување, пишува Б92. Во Франција и Шпанија, ограничувањето е веќе 1.000 евра, додека во Грција плаќањата во готово се можни само до 500 евра.
Во некои соседни земји, достапноста на банкомати е дополнително намалена, што дополнително го поттикнува безготовинското работење.












