Од Јусменов Рид кај Штип се очекува да се извадат преку 15.000 кубни метри квалитетен гранит неопходен за насипот на браната на реката Отиња. Минирањето е извршено во согласност и во соработка со Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи и под надзор на Градежниот институт на Македонија

 

Стручни лица на специјализирана фирми, со 10 тони динамит го минираа Јусменов Рид кај Штип од каде се очекува да се извадат преку 15.000 метри кубни квалитетен гранит неопходен за насипот на браната на реката Отиња. Минирањето е извршено во согласност и во соработка со Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи и под надзор на Градежниот институт на Македонија.

Притоа бил употребен стопански експлозив – амонекс 4, детонатори амфор и други материјали според пропишаните норми. Од сопствениците на најблиските објекти до Јусменов Рид било побарано, заради безбедност, да се евакуираат во текот на денот, а минирањето за околината било најавено со звучни сигнали.

Изведувачот на работите, фирмата „Стентон градба“ од Битола, не ја исклучува потребата за уште едно минирање до крајот на годината на истата локација, ако се укаже потреба за нови количества гранулат.

– Веднаш ќе се земат примероци за испитување на гранитот што ќе се вади, иако досега од овие локации околу браната веќе беше извршено испитување и утврдено е дека се работи за квалитетен зрнест материјал погоден за насипот на кој истовремено се ставаат и слоеви специјална глина – вели градежната инженерка Ангела Шишкин.

Браната треба да биде со капацитет од 3 милиони кубни метри вода. Изградбата ќе чини вкупно 8 милиони евра.

Според проектот е предвидено да се изгради камено-земјена брана со централно глинено јадро, со висина од околу 33 метри. Ќе има опфат од 120 хектари и ќе се полни од целото сливно подрачје на Отиња, а околу неа ќе има и пешачка патека. Височината на браната над теренот изнесува H-32,50 метри, а конструктивната височина или височината на браната над карпата е Hk-34,50 метри. Во моментов, сите придружни објекти се завршени, па останува изведбата на главниот насип на браната.

Шишкин очекува до крајот на оваа година браната да биде изградена со 70 проценти и, ако во наредните месеци временските услови дозволат изградбата да оди со планираното темпо, оваа акумулација ќе профункционира во текот на 2027 година.

 

ИЗДВОЕНИ