петок, јануари 23, 2026
Дома МАГАЗИН Сè уште сонуваме дека сме заедно……в недела, 25 јануари, ќе се одбележи...

Сè уште сонуваме дека сме заедно……в недела, 25 јануари, ќе се одбележи роденденот на балканската музичка ѕвезда 

35

– Оној што барем еднаш излегол со Тоше во град, на улица, знае како изгледа тоа. Немам друг збор со кој би ја опишал ситуацијата, освен дека човекот беше феномен. Едноставно кажано, сите го сакаа Тоше, кому му беше пишано да биде ѕвезда. Сега таа ѕвезда е на небото, која нам, тука долу, ни остави преубава музика. Стана репер како треба да се однесуваме во многу ситуации во животот – емотивно се присети легендарниот Гаро Тавитијан помладиотСекоја зима, па така и оваа, на 25 јануари (сега, в недела), Крушево, Македонија, а, секако, и поранешна Југославија, на специфичен начин ќе го одбележат раѓањето на Тоше Проески, големата музичка ѕвезда. 11 часот и 15 минути е времето на неговото раѓање. Да беше физички жив, Тоше ќе наполнеше 45 години. Но, во онаа духовна смисла, тој е тука, меѓу нас, и никаде не замина.

По тој повод ќе се организираат повеќе соодветни манифестации на различни локации во самото Крушево. Пред сè, со почит и достоинствено пред гробното место на Гумење, неговото вечно почивалиште, и тоа со роденденска торта, многу емоции, многу солзи, многу неискажани, топли зборови. Еден куп сеќавања. За неговото Крушево и за неговата армија обожаватели од Македонија и од странство, 25 јануари е ден со големо Д. Тоа е роденденот на балканската музичка ѕвезда, хуманист и ангел – Тоше. Инаку, во главниот град на Македонија, вчера, во аулата на ООУ „Лазо Ангеловски“ во населбата Ново Лисиче се одржа забавниот културно-уметнички настан „Тоше, те сакаме“, посветен на неговите лик и делото.Во самото Крушево, Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење повторно ќе го долови неговото некогашно физичко присуство, и тоа преку многу фотографии, преку неговите многубројни песни испеани со ангелски глас („Тајно моја“, „Ангел си ти“, „Немаш ни благодарам“, „Чија си“, „Морска ѕвездо“, „Казна моја си ти“, „Сонце во твоите руси коси“, „Усни на усни“, „Игри без граници“… кои сè уште ги пееме со восхит), со онаа негова карактеристична насмевка и со познатата искрена реченица: „Сите ве сакам!“ Спомени за него преку неговите музички награди, неговата облека и личните предмети, кои се наоѓаат сега во неговиот дом – Спомен-куќата. Таа стана еден од најпосетуваните музеи на Балканот. Досега, според слободна процена, ја посетиле над 1,5 милион луѓе од сите страни на светот. Во неа се поставени над 660 експонати поврзани со животот, делото и со славното музичко име на Тоше Проески.Но, и оваа година (според неофицијални најави) би требало да има хуманитарна изложба „Срце није камен“… да га бациш покрај пута“ (Срцето не е камен), наречена по неговиот истоимен хит испеан пред неколку години, на хрватски јазик, често со неговата естрадна колешка и пријателка, воедно негов голем обожавател, Антонија Шола, која е од Загреб и која доаѓа на неговиот гроб. Како што вели, да се исплаче за да ѝ биде полесно на душата. Исто така треба да се истакне дека секој јануари одбележувањето на роденденот на Тоше  започнува со крводарителска акција. Со тоа се истакнува и онаа хуманата страна на Тоше како човек. Тој освен со многу хуманитарни концерти, помагаше и со својата дарувана крв.

И покрај тоа што не може да се помират со неговото физичко заминување од овој свет, сепак, обожавателите на Тоше ја манифестираат својата болка на најразлични начини.  Меѓу нив се, секако, и многу популарни личности, поранешни колеги на Тошка, како што нагалено го нарекуваа. Поп-дивата Калиопи открива дека често одела во еден манастир во Крушево, каде што, на ѕидовите, се наоѓа ликот на Проески.– Признавам дека многу ми се емотивни сите тие посети таму. Но, сфатив дека нема да го најдам само таму туку насекаде. А, најмногу во себе. Често пати ми се случува кога ќе се разбудам, да го имам во мислите. Сè уште ми е многу тешко да ги слушам неговите песни. Се вознемирувам, почнувам да плачам. И кога ќе се смирам, сфаќам дека го немаме веќе. Но, има една негова песна што ќе ја пеам до крајот на мојот живот, само за мене, за мојата нежна душа, но и не јавно. Тоа е песната „Још увек сањам да смо заједно“ (Сè уште сонувам дека сме заедно…)

. Можеби, интересно е тоа што можам да ја слушам само таа песна. Онака, со солзи во очите, кога ќе влезам во автомобилот и ќе тргнам да возам, ја пуштам таа песна, сонувајќи дека сè уште сме заедно, дека одиме на кафе-муабет, дека се возиме со велосипедите – раскажа Калиопи, која додека зборуваше, се наежи.

Добар другар на Тоше му беше и легендарниот Гаро Тавитијан помладиот. На социјалните мрежи, меѓу другото, тој напиша: – Многу се почитувавме. Кога ќе се појавеше Тоше каде било, тоа беше чувство како да се појавил Мајкл Џексон. На концерт, на интервју, па дури и на улица. Упорни беа неговите обожаватели, буквално трчаа само да го допрат. Оној што барем еднаш излегол со него во град, знае како изгледа тоа. Немам друг збор со кој би ја опишал ситуацијата, освен дека човекот беше феномен! Едноставно кажано, сите го сакаа Тоше, кому му беше пишано да биде ѕвезда. Сега таа ѕвезда е на небото, која нам, тука долу, ни остави преубава музика. Стана репер како треба да се однесуваме во многу ситуации во животот. Брату мој, слави го роденденот таму, меѓу ѕвездите, онака како што ти сака душата – порача емотивниот Гаро. И поп-пејачката Каролина Гочева има многу спомени со Тоше. Покрај нивната заедничка песна испеана за сите времиња, таа со задоволство открива дека токму баладата „Илузија“ е нејзина најдрага песна. – И по толку години, болката е иста и со секој нов ден, Тоше недостига сè повеќе – порача поп-ѕвездата.

Дуле МИЌИЌ    фото:архива

 

 

 

ИЗДВОЕНИ