Сè уште плаќаме скапа храна, се чекаат мерки за спас од високите цени

Граѓаните се изморени и истрошени од постојаната борба со инфлацијата и чекаат мерки од Владата што ќе им помогнат да ја зачуваат куповната моќ. Од власта сè уште прават анализи, а целта, како што велат, е да се донесат мерки што ќе имаат подолгорочен ефект и ќе ја стабилизираат инфлацијата

102

И покрај тоа што Статистика регистрира минимален раст на инфлацијата во август, од само 0,2 отсто, цените во Македонија продолжуваат да растат. Граѓаните се изморени и истрошени од постојаната борба со инфлацијата и чекаат мерки од Владата што ќе им помогнат да ја зачуваат куповната моќ. Од власта сè уште прават анализи, а целта, како што велат, е да се донесат мерки што ќе имаат подолгорочен ефект и ќе ја стабилизираат инфлацијата.

Гувернерот Трајко Славески е оптимист дека за година-две инфлацијата ќе се врати на историскиот минимум од два процента.

– Скротувањето на инфлаторната спирала и оди потешко на земјава во споредба со европските држави, но причината за тоа лежи во високите инфлациски очекувања кај граѓаните и кај производителите, притисокот на синдикатите за повисоки плати, кои се едни од клучните фактори. Граѓаните и производителите очекуваат раст на цените, што само ја одржува ценовната динамика – вели Славески.

Според него, инфлацијата може трајно да се намали само ако внимателно се комбинираат монетарната и фискалната политика и се фокусираат на долгорочни инвестиции.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека причина за растот на инфлацијата се услугите.

– Одиме ставка по ставка, многу студиозно, детаљ по детаљ, додека не дојдеме до конечната одлука што понатаму. Многу сме внимателни во носењето мерки. Очекувам анализата што ја правиме многу скоро да биде готова. Анализираме производ по производ, групи производи и услуги за да дојдеме до трајно решение. За трајно решение, ќе ни оставите уште малку простор. Не сакаме популистички мерки, туку сакаме трајно решение. Практиката покажа дека ако само ја ограничиме маржата кај одреден дел производи, особено прехранбените, таа потоа се прелева во следните месеци и на крајот се нивелира. Не сакаме да западнеме во таа замка – изјави Мицкоски.

Според просекот во првите шест-седум месеци, ние сме под земјите во регионот што се должи, пред сè, на ограничувањето на маржата во март и во април.

– Услугите засега се најголем генератор на зголеменото ниво на инфлацијата. Тоа значи дека зголемените плати и пензиите прават притисок врз побарувачката, имаме зголемена побарувачка и луѓето може да ја платат цената за услугата, а тие што ја нудат, ги качуваат цените на услугите сè додека може да платат консументите – објасни премиерот.

Зголемувањето на инфлацијата во август 2025 година, во однос на јули 2025 година, е резултат на зголемувањето на трошоците за живот во групата ресторани и хотели за 2,1 %, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,7 %, храна и безалкохолни пијалаци и разновидни стоки и услуги за 0,6 %, рекреација и култура за 0,3 % и алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,1 %.

Во август 2025 година, во однос на јули 2025 година, намалување на трошоците за живот е забележано во групата транспорт за 3,1 %, облека и обувки за 0,6 %, здравје и образование за 0,1 %. Трошоците за живот во групите домување, вода, електрика, гас и други горива и комуникации остануваат на исто ниво, како и во претходниот месец.

Индексот на цените на мало во август 2025 година, во однос на јули 2025 година, изнесува 99,3. Индексот на трошоците за живот во август 2025 година, во однос на август 2024 година, бележи зголемување од 4,4 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 4,1 %.

 

ИЗДВОЕНИ