Сè уште немаме вработено инспектори, не сме во можност да вршиме инспекциски контроли, рече на денешниот брифинг со новинарите Менче Андреева, директорката на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, која беше назначена на оваа функција од Владата, во март годинава.
Таа се надева дека набрзо ќе има можност да биде објавен конкурс за вработување инспектори во органот што треба да ја надгледува примената на Законот за употреба на македонскиот јазик.
Пред медиумите, Андреева воедно ја образложи и својата работа откако ја извршува функцијата директор на Инспекторатот.
– Од крајот на март 2025 година, по моето назначување, она што мораше официјално да се направи е да се устрои Инспекторатот за да дојде како орган во состав на Министерството за култура и туризам, за што требаше да се направи усогласување на законите. Направивме усогласување на Законот на македонски јазик со Законот за инспекциски надзор. Со ова усогласување, откако ги помина собраниските процедури, го ставивме Инспекторатот во функција, односно како орган во состав на Министерството. Следно нешто што требаше да се направи беа актите за внатрешна организација и систематизација, со тоа што направивме измена на планот за систематизација на Министерството за култура и туризам и со тоа беа донесени работните места што треба да бидат во рамките на Инспекторатот. Во овој момент имаме систематизирано вкупно 50 работни места, од кои 28 се однесуваат на работното место инспектори по македонски јазик. Следно што правевме беа годишниот и стратешкиот план на Инспекторатот за 2025 година, а донесен е и годишниот план за работа на Инспекторатот за 2026 година – рече Андреева.
Во однос на инспекторите, како што истакна таа, била поднесена измена на планот за вработување на Министерството за култура и туризам во кој се содржани работни места само за инспектори.
– Бидејќи во овој период работиме со административни работници и службите од Министерството за култура, решивме да ги ограничиме работните места само на инспектори и со тоа да ја забрзаме постапката за вработување. Систематизирани се вкупно 28 инспектори, но бројот што го бараме ние е многу помал. Сè уште чекаме согласност од Министерството за финансии. Која и каква согласност од Министерството за финансии ќе добиеме и колку вработени ќе има точно, ќе видиме по добивањето на оваа согласност. Се надевав дека до 31 декември ќе имам можност да објавиме конкурс за вработување на инспектори, но верувам дека ќе се случи тоа многу скоро. Ги правиме сите напори, сè што е во наша моќ, вработувањата да бидат колку што може побрзо – додаде Андреева.
Појасни и дека законска обврска на инспекторите, откако ќе се вработат, е да имаат обука од 12 месеци, па по таа обука да полагаат испит и да се здобијат со лиценца за инспектор. Таа обука, пак, се состои од два дела, првиот трае три месеци, и тоа е теоретска обука, а во другиот дел од девет месеци тие треба да работат на терен со помош на ментори.

Прашана, пак, за вработувањето на лекторите во институциите, Андреева рече дека, сега, како Инспекторат, не се во можност да им наложуваат на институциите да вработат лектори, но можат да им укажат потоа, откако ќе се вработат инспекторите и откако ќе се здобијат со лиценцата за инспектор.
Посочи дека подготвуваат информација што треба да биде доставена до Генералниот секретаријат на Владата во најскоро време.
– Со таа информација, побаравме сите државни институции да достават до Инспекторатот известување дали имаат систематизирано работно место лектор во својата институција и дали имаат вработено лектори. Сакавме со тоа да направиме една анализа колку лектори се вработени во институциите и колку вработувања ќе треба да се направат во наредниов период.
Менче Андреева беше назначена за директорка на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик по цела година откако во Собранието беше изгласан Законот за употреба на македонскиот јазик (на 26 јануари 2024). Инспекторатот ќе врши надзор на примената на Законот за употреба на македонскиот јазик. Со Законот, пропишано е задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власта, агенциите, училиштата, издавачките куќи, како и во медиумите, но и задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на името на лекторот.












