Осум пожари на отворен простор се регистрирани до 12 часот денеска ширум државава. Од нив, три се активни, еден е ставен под контрола, а останатите се целосно изгаснати, информираат попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активните се на територија на општините Македонски Брод, Студеничани и Липково. Мешана шума гори во „Јасен“. Мешана шума и ниска вегетација се опожарени на територија на селата Драчевица и Цветово. Борова шума гори во подрачјето на село Лојане.
Под контрола е ставен пожарот на територија на општина Јегуновце, помеѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орашје, каде опфатена е нискостеблеста мешана шума.
Изгаснатите пожари се на територија на општините Бутел, Струга, Чашка и Куманово.