Пожарите и понатаму предизвикуваат проблеми на територијата на државата. И натаму е проблематичен пожарот во НП „Јасен“, каде што гори мешана шума, а активни се и пожарите во селата Драчевица и Цветово, каде што горат мешана шума и ниска вегетација, како и во селото Лојане, каде што гори борова шума.
Под контрола е ставен пожарот на територијата на Општина Јегуновце, помеѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орашје, каде што е опфатена нискостеблеста мешана шума, додека изгаснати се пожарите на територијата на општините Бутел, Струга, Чашка и Куманово.
Во текот на денешниот ден, напладне, запалена цигара оставена на душек била причина за пожар во Кавадарци.
За овој несекојдневен пожар, во кој, за среќа, нема повредени, информираа вчера од Секторот за внатрешни работи – Велес.
– Синоќа во 19:23 часот, во ОВР – Кавадарци било пријавено дека настанал пожар во домот на Е.А., на возраст од 26 години од Кавадарци. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица – Кавадарци и нема повредени лица. Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР – Кавадарци, при што било констатирано дека пожарот настанал од оставена запалена цигара на душек, од страна на неговата сопруга – соопштија од СВР – Велес.