На територијата на државата, во текот на деешниот ден биле регистрирани вкупно шест пожари на отворен простор. Од нив, активни се два, и тоа пожарот во Националниот парк „Јасен“, каде што гори мешана шума на територијата на Општина Македонски Брод, како и во селото Крапа, каде што горат ниска вегетација и нискостеблеста шума.
Поради пожарот во „Јасен“, утринава целосно беше затворен за сообраќај патниот правец од Брезница, преку Националниот парк „Јасен“, до Македонски Брод.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, нагласи дека пожарот во НП „Јасен“ е тежок за гаснење поради тешко пристапниот терен. Тој нагласи дека во неговото гаснење учествуваат два полициски хеликоптера и еден армиски, додека од земја им се приклучиле 15-мина припадници на специјалната единица на МВР, како и 26-мина припадници на специјалната единица на АРМ.
– Освен тоа, во гаснењето на пожарот учествуваат и вработени во НП „Јасен“, како и од ЈП „Национални шуми“ – информираше Ангелов.
Под контрола се ставени два пожара и тоа во атарот на селото Нерав, во местото викано Биљино, на територијата на Општина Крива Паланка, како и во населбата Дива Населба, во близина на салонот „Дули“ во Куманово.
Ангелов истакна дека се работи и на догасување на пожарот во скопското село Свиларе, каде што се вклучени два „пинц гауери“ на ДЗС, како и припадници на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Изгаснати се два пожара, и тоа во селото Чешниво во Општина Чешиново – Облешево и во селата Челопеци и Миокази во Општина Кичево.