Во населбата 11 Октомври, на територијата на Општина Кисела Вода, денеска се уриваше дивоградба, по донесено решение за нејзино отстранување бидејќи немало соодветни технички акти за неа.
Од Општина Кисела Вода информираа дека станува збор за поранешен деловен објект во сопственост на ГП „Пелагонија 5 – градилиште механизација“ во стечај, за кој не постоела потребната техничка документација и кој никогаш не бил евидентиран во Агенцијата за катастар.
– Општина Кисела Вода ќе работи исклучиво законски, почитувајќи ги сите закони и правила. Нема да има двојни стандарди за никого и нема да дозволиме прекршување на каков било закон. Законите мора да важат подеднакво за сите. Во мојот мандат ќе сe залагам за работење исклучиво според правото и правдата – изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска- Трајкоска.
Таа посочи дека институцијата ќе постапува одговорно за сите случаи каде што ќе бидат утврдени нерегуларности во однос на објекти на територијата на Општината.
– За секој објект кај кој ќе се утврдат неправилности ќе биде издадено решение за отстранување. Тоа е единствениот начин да воспоставиме ред и правичност и да го заштитиме јавниот интерес – нагласи Стаменкоска-Трајкоска.












