Се уриваат рекорди на македонските патишта, 18.458 фатени без дозвола

Околу 65 возачи дневно возат на „диво“

279

Поразителна е бројката на возачи без дозвола во земјава, според податоците што ги објави МВР, од почетокот на годинава регистрирани се вкупно 18.458 случаи на затечени без документ, што би значело дека околу 65 дневно возеле на „диво“. Во 2022 година биле констатирани 16.359 прекршоци на управување на моторно возило без возачка дозвола, во 2023 година 19.885, а лани 19.000 прекршоци. Ако се земе предвид дека годината сè уште не е завршена, тогаш очекуван е рекорд во санкционирање на граѓаните кои возат без дозвола.

 Најмногу вакви прекршоци се евидентирани на подрачјата на СВР Струмица и на Скопје, 3.275 и 3.202 прекршоци, понатаму, на територија на СВР Битола се санкционирани 2.811 возачи за возење без возачка дозвола, на подрачје на СВР Тетово се изречени 2.086 мерки, а во СВР Куманово се санкционирани 1.660 возачи за управување без возачка дозвола, стои во статистиката на сообраќајната полиција.

Законот за безбедност во сообраќајот предвидел возачите без дозвола парично да се казнат со 250 евра, а со 100 евра тој што ќе биде затечен од полицијата дека вози со истечена дозвола. Граѓаните на социјалните мрежи сметаат дека овие глоби се мали за да им дојде паметот на несовесните.

Кога ќе ги казните со 500 евра казна и со одземање на возилото, веќе никогаш нема да седнат зад волан без возачка. Џабе се овие статистики, кога нема подобрување. И да биде рамномерно во цела држава“, пишува граѓанин во прилог на објавената црна статистика на МВР.

Колку за споредба, според законот во Србија, оној што управува возило без возачка може да биде казнет со парична казна и до 1.000 евра или со затвор од најмалку 15 дена. На возачот ќе му биде забрането да вози најмалку осум месеци. Уште повеќе, пак, ако направат сообраќајка, покрај паричната предвидена е затворска казна од месец и пол.

Ова преставува сериозен безбедносен проблем, овие возачи најчесто немаат познавање на сообраќајните правила и прописи и претставуваат сериозен ризик за себе и за останатите учесници во сообраќајот. Иако законот предвидува одредени строги казни за овие возачи, контролата, санкционирањето и едукацијата не ги даваат секогаш посакуваните резултати“, вели за весникот ВЕЧЕР претседателот на РСБС, Горан Ангеловски.

Иако се очекуваше дека по кобната сообраќајка на младата Фросина Кулакова, што се случи на булеварот „Партизанска“, од несовесното возење без дозвола на Васил Јованов, работите ќе се сменат и сообраќајната свест ќе порасне, сепак, статистиката е разочарувачка.

Во првата недела од месец октомври, во рамки на сообраќајните контроли, досега се констатирани 373 прекршоци за учество во сообраќај без возачка дозвола. Засилените сообраќајни контроли продолжуваат, полицијата апелира возачите да мислат на безбедноста на сите учесници на патиштата.

Ангеловски од РСБС апелира родителите да не им допуштаат на своите деца да возат без дозвола.

Се забележуваат и случаи на малолетници зад воланот што укажува на потребата од поголема одговорност и кај самите родители. За решавање на овој проблем, сметам дека е потребно полицијата да продолжи со зголемените сообраќајни контроли, со едукација кај младите со кампањи за подигнување на свеста како и поголема одговорност на самите родители, смета претседателот на РСБС.

Токму поради неодговорност во кривичниот суд му се суди и на таткото на Васил, кој му допуштил да го вози семејниот автомобил без возачка, имајќи предвид дека не му било првпат да направи прекршок. По сообраќајката, властите на иницијатива на парламентот и на граѓаните кои излегоа на протести се заложи да менува закони од областа на сообраќајот и да ги заостри казните. Министерот за полиција, Панче Тошковски, најави инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит, а се размислува и за воведување на задолжителна мерка – одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ