Случајот со дивоградбите во Општината Чаир и непостапувањето на институциите во врска со заканите кон неа поради откривањето на криминалот отиде до амбасадите на САД, Велика Британија и на Германија во Скопје, како и до Делегацијата на ЕУ во Македонија и до Јавното обвинителство. Скопската градоначалничка се пожали дека институциите во земјава не постапуваат во врска со заканите кон неа, но и оти не верува дека ќе постапат по доказите што се доставени за дивоградбите во Општината Чаир.  Како што кажа, поради неажурноста на институциите, јавно и со појаснување за сè ќе ги објавува документите, кои се доставени до институциите и до Обвинителството

 

Случајот со дивоградбите во Општината Чаир и непостапувањето на институциите во врска со заканите кон неа поради откривањето на криминалот отиде до амбасадите на САД, Велика Британија и на Германија во Скопје, како и до Делегацијата на ЕУ во Македонија и до Јавното обвинителство.

Скопската градоначалничка се пожали дека институциите во земјава не постапуваат во врска со заканите кон неа, но и оти не верува дека ќе постапат по доказите што се доставени за дивоградбите во Општината Чаир.

– Мицкоски наместо да постапува по обелоденетите криминали на Висар Ганиу, каде што се вртат милиони, и итно да побара да дејствуваат надлежните институции за нешто за што има информација дека се уништуваат докази, тој почна да тера политика и да ми се заканува со девалвации, ставајќи се во одбрана на неодбранливото – вели Арсовска во фејсбук-статусот, повикувајќи го премиерот да ги спречува криминалците, а не да ги брани.

Поради неажурноста на институциите, таа најави дека јавно и со појаснување ќе ги објавува документите што ги достави до институциите и до Обвинителството.

– Секој граѓанин ќе може да види што се правело, ќе мора да види и Обвинителството, по што, се надевам, неодложно ќе мора во целост да ги обезбеди документите за предметите од Висар Ганиу и Ејуп Адеми пред да ги уништат – нагласи Арсовска.

На крајот од известувањето до наведените амбасади, таа се потпишала како известувач и портпарол за етика и справување со корупцијата на конгресот на Советот на Европа.

Последните закани врз Арсовска беа во неделата, кога откри како фирма од Сарај врши диво поврзување на атмосферската канализација на булеварот „Словенија“. Иако, како што кажа, се обидела да го пријави случајот во МВР, од полицијата ѝ спуштиле телефон.

Арсовска истакна дека лично ги има документирано сторителите и дека очекува институциите да постапат.

Скопската градоначалничка денеска требаше да ги достави сите 150 случаи со документи како докази за дивоградбите во Чаир откако во саботата достави дел од нив што се однесуваат на дивоградбата за која градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, тврдеше дека била изградена во 2011 година, а со сателитски снимки направени на 29 мај 2025 година и во 2023 година, таа го докажа спротивното. Имено, како што истакна скопската градоначалничка, на сателитската снимка направена во 2023 година ја нема дивоградбата за која Ганиу тврдеше дека е изградена во 2011 година, додека на онаа од 29 мај 2025 година таа постои.

На 21 мај, со вклучување во живо на „Фејсбук“, градоначалничката Арсовска шеташе со екипи од Град Скопје низ Општина Чаир и објави дека на неколку локации во Чаир се гради без добиена градежна дозвола.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ