Во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“, Општина Ѓорче Петров започна со унапредување на системот за греење во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, преку инсталација на нова топлинска пумпа и реконструкцијана постојниот топловод.
Општина Ѓорче Петров учествува со набавка на нова топлотна пумпа во вредност од 5.782.000 денари.
Проектот ќе ги покрие сите потребни трошоци за реновирање на котларницата, замена на цевната мрежа и циркулациските пумпи, изолација, автоматика, ревитализација на котлите и на радијаторите.
– Со ова, училиштето добива модерен, енергетски ефикасен и еколошки систем за греење, а ние продолжуваме со чекори што значат поквалитетен воздух и подобри услови за нашите деца – соопштија од Општина Ѓорче Петров.
Оттаму додаваат дека продолжуваат посветено да работат на унапредување на условите во сите училишта и на замена на постојните системи за греење со нови, еколошки и ефикасни системи.
Воедно, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, најави и решавање на проблемот со водоснабдувањето на територијата на оваа општина.
Овој проблем, кој му го посочиле жителите, особено во високата зона во Ѓорче Петров, ќе биде надминат, како што вели Стојкоски, со изградба на нов резервоар за вода на местото Зајчев Рид, заедно со потисен цевковод и нова потисна пумпа, за што постои проект.












