Се топи ли мразот меѓу Фанар и МПЦ-ОА? – Вселенскиот митрополит Кирил во посета на Дебарско-кичевската епархија

Следува ли обновување на разговорите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија за томосот за автокефалност? Ова прашање се отвора со посетата на вселенскиот митрополит на Имврос, Кирил на Дебарско-кичевската епархија заедно со група поклоници, прва по дваесетмесечната пауза. Не е исклучено дека ќе следуваат нови средби за надминување на проблемите со неиздавањето на важниот документ за нашата Црква

74

Се навестува ли обновување на разговорите меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Вселенската патријаршија со цел нашата Црква да го добие томосот за автокефалност? Ваква дилема се наметнува по престојот во Дебарско-кичевската епархија на митрополитот на Имврос и Тенедос, Кирил од Вселенската патријаршија, кој беше примен со група верници. Притоа, тие беа примени од надлежниот владика, Георгиј.

– Во просториите на Дебарско-кичевската епархија, Неговото високопреосвештенство, митрополитот г. Георгиј, го прими г. Кирил, митрополитот на Имврос и Тенедос, кој со група поклоници од својата Епархија го посети Охрид – кратко објави оваа Епархија на МПЦ-ОА, без да се наведат детали за средбата.

Владиката Георгиј дал благослов митрополитот Кирил, по повод верскиот празник Ѓурѓиц, да одржи празнична богослужба во манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Рајчица, заедно со епископот антаниски, Партениј од Бигорскиот манастир. Владиката Кирил од Имврос е еден од владиците на Вселенската патријаршија што имаат пријателски однос кон МПЦ-ОА и практично е задолжен за комуникацијата со МПЦ-ОА. Ова е негова прва посета на нашата Црква по престојот во април минатата година, во текот на кој ги искажа ставовите во однос на прашањето за добивањето томос за автокефалност на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија. Познато е, по признавањето на статусот на канонска црква од страна на Вселенската патријаршија во мај 2022 година, МПЦ-ОА доби томос за автокефалност од страна на Српската православна црква, со своето уставно име. Но, процесот на заокружување на автокефалниот статус на МПЦ-ОА сè уште не е завршен, бидејќи се чека на томос од Вселенската патријаршија и на признавање од други православни цркви. Тој процес е забавен поради условите кои се поставуваат од Вселенската патријаршија, а кои не се прифаќаат од врвот на МПЦ-ОА. Поради тоа, во изминативе дваесет месеци односите беа практично замрзнати и без дијалог.

Од редовите на МПЦ-ОА не се соопштува дали митрополитот Кирил ќе има некакви разговори околу спорните прашања за издавањето томос за автокефалност. Меѓутоа, самиот факт што се случува посета по толку долго време навестува дека почнале да се поместуваат работите. Меѓутоа, прашање е дали, во меѓувреме, се случило нечие поместување од позициите што го предизвикаа застојот во односите.

Во интервју дадено лани, вселенскиот митрополит рече дека Вселенската патријаршија „не го признава томосот даден од СПЦ, дека е лажен и дека никој го нема признато, освен Русија, која од конкретни причини го стори тоа“. Според него, Вселенската патријаршија за МПЦ-ОА го определува името Охридска архиепископија.

– Патријаршијата не доаѓа за да наметне никакво име. Но доаѓа за да каже: „Внимавајте, ќе ставиме нешто што нема да биде национално, ќе биде чисто црковно“. И што прави? Го дава именувањето Охридска архиепископија. Една историја од илјада години, Охридска архиепископија! Илјада години! Размислете за тоа! Доаѓа кај една црква што е оформена денес и ѝ дава историја од илјада години. Еве, вели, ова е твојата историја. Тоа сте вие. И не сакаат – изјави тогаш митрополитот од Имврос, Кирил.

Поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот Стефан, минатата година рече дека Вселенската патријаршија ни поставува неприфатливи услови: откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната црква на Украина. Деновиве, и Преспанско-пелагонискиот митрополит, Петар изјави дека нема откажување од името Македонска православна црква.

– Нема да се откажеме од името Македонија, македонска нација, Македонска православна црква и сè што е македонска посебност. Ние ги издржавме сите понижувања и затоа останавме тоа што сме. Затоа и ја добивме автокефалноста од Српската и од Руската православна црква и нема што повеќе да дискутираме. Вселенската патријаршија ни даде акт дека сме канонска православна црква и нема што повеќе да дискутираме. Прашањето на нашата автокефалност секогаш било политичко, а не канонско – потенцира митрополитот Петар во телевизиско интервју.

Во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, дебарско-кичевскиот митрополит, Георгиј, изјави дека канонскиот статус на нашата Црква е признат од сеправославната екумена.

– Сите сестрински помесни цркви сослужуваат со наши архијереи и јереи и нашиот верен народ се причестува насекаде. Доколку, пак, изникнуваат какви било недоразбирања меѓу помесните цркви, треба да се направи сѐ за да се надминат преку евангелски љубовен дијалог. Повторувам, Црквата ни е автокефална одамна, сега сме на патот кон тоа нејзината автокефалност, која е де факто признавана преку најважниот знак за препознавање – сослужувањата, да биде прифатена од сите и де јуре. Сигурен сум дека ќе се случи тоа – рече тој. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ