Се тестира ротирачката платформа на Телекомуникациската кула на Водно

2118

Претседателот на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, Орце Симов, објави дека телекомуникациската кула на Водно е во „завршна фаза“.

Заедно со неколку фотографии и видеа на „Фејсбук“, тој напиша: „За 10 дена кранот треба да биде симнат. Остануваат неколку ситници и приклучокот за електрична енергија со ЕВН.“

Во објавата на „Фејсбук“ има и неколку видеоматеријали. Во еден од нив, Симов коментира дека се гледа тестирање на ротирачката платформа која вртела цел круг за околу еден час.

Телекомуникациската кула на Водно треба е висока 155 метри, што ја прави околу два и пол пати повисока од соседниот Милениумски крст.

Таа почна да се гради во 2013 година.

Во 2013 година беше истакнато дека системот се гради на врвот на Водно како најпогодна локација што ќе придонесе за подобро покривање на дел од територијата каде има најголема концентрација на емитери. Воедно беше наведено дека на неа ќе биде сместена софистицирана опрема со помош на која АЕК ќе може да прави мониторинг на сите емитувања на радиофреквенции што ги користат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, авионавигацијата, функционалните системи… Со тоа, истакнуваа тогаш од АЕК, ќе се намалат можностите од појава на разни пречки и интерференции.

Идејата на проектот, како што беше најавено, е да се изгради посебен антенски систем за контрола на радиофреквенции. Но, покрај првичната функција, кулата беше замислено да има и друга намена – да биде туристичка атракција и ново обележје на градот.

 

ИЗДВОЕНИ