ВМРО-ДПМНЕ предложи законски измени, пратениците по скратена постапка ќе гласаат уште утре
Функционерите ќе земаат пониски плати за околу 200 евра веќе со февруарската плата, откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе пакет-измени на шест закони и побара тие да се донесат по скратена постапка уште денеска. Со предлогот се кратат коефициентите за пресметка на платите на избраните и именуваните лица, а заштедените пари, според предлагачите, ќе се пренаменат за здравство, образование и социјална заштита. Пратеникот од ВМРО‑ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, информира дека нивната пратеничка група поднела пакет од предлог-измени на шест закони со кои тоа ќе се постигне. Со измените се опфаќаат платите на пратениците, министрите и на другите функционери во извршната власт, како и на судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот и Обвинителскиот совет и на градоначалниците. Кај дел од нив намалувањето ќе изнесува од 10 до 13 илјади денари, а кај одредени позиции и повеќе, преку интервенција во коефициентите за пресметка.
– Со предложеното намалување на коефициентите ќе се опфатат платите на јавните функционери – вклучително пратеници, министри, судии, јавни обвинители и членови на судскиот и јавно-обвинителскиот совет. Со овие измени платите ќе се нивелираат, што практично значи дека ќе се намалат во износ од 10.000 до 13.000 денари, а кај одредени позиции ова намалување е дури и поголемо. За пратениците и функционерите во извршната власт, ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар. За судиите и јавните обвинители, предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да соодветствуваат со реалните економски можности на државата. За градоначалниците, исто така, предлагаме нова скала на коефициенти зависно од бројот на жители во општините, изјави денеска Стојановски.
Пратеникот нагласи дека ова законско решение е целосно во согласност со Уставот. Според предлагачите, целта е „стегање на ременот“ и кај носителите на функции, воспоставување на поправична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите се усогласуваат со реалните економски услови во државата.
Измените предвидуваат платите на пратениците и функционерите во извршната власт да се намалуваат преку пониски коефициенти, а кај судиите и обвинителите се врши усогласување со економските можности. За градоначалниците се воведува нова скала според бројот на жители.
Постапката во Собранието ќе биде забрзана – по гласањето за потребата од донесување на законите, со рок од шест часа, тие повторно ќе се најдат на пленарна седница и се очекува да бидат изгласани уште истиот ден, за намалувањето да важи со исплатата на февруарската плата.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ повикаа на широка поддршка во Собранието, затоа што, како што велат, ова не е прашање на партиска припадност, туку прашање на морал и етичка одговорност пред граѓаните кои ги избрале.
Прашањето за висината на платите на функционерите се актуализираше по неколкуте зголемувања што следуваа по порастот на минималната плата и просечната плата во државата, со што автоматски се зголемија и коефициентите за пресметка на платите на избраните и именуваните лица. Во јавноста тоа предизвика реакции и критики, особено во услови на економска криза, инфлација и намален животен стандард.
Платите на функционерите се утврдуваат врз основа на законски утврдени коефициенти кои се множат со основица што се усогласува со движењата на просечната плата. Со оглед дека просечната плата во 2025 година е повисока за 9,6 проценти, според пресметките, платите на повеќе од 1.000 функционери требаше да пораснат за дополнителни 200 до 300 евра нето. Токму овие коефициенти сега се предмет на измените што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се спречи ваквото автоматско зголемување. Предлагачите образложуваат дека станува збор за мерка со која се избегнува дополнително оптоварување на буџетот и се испраќа порака дека „стегањето на ременот“ треба да важи и за носителите на јавни функции. (В. С. Н.)












