Коментирајќи ја најавата за ново задолжување на државата од над една милијарда евра преку издавање на еврообврзница, економските експерти за весникот ВЕЧЕР сметаат дека парите најчесто одат за враќање на стари долгови, а би требало да се искористат за развој на компаниите, за вработување на млади. Велат дека со сузбивање на сивата економија, со економски политики кои ќе го зголемат економскиот раст и со враќање на прогресивното оданочување, ќе се зголемат приходите и ќе се намали задолжувањето. Други пак, велат дека досега државата не виде некаков ефект од задолжувањата, освен за континуирани вработувања на партиски војници во администрација, за луксуз за министри, за нови автомобили, патувања, и слично. – Доволно е само да погледнете каква е хигиената во државата, какви ни се патиштата, какви се државните клиники… Но, затоа ако погледнете во кабинетите на министрите ќе забележите само луксуз, изјави Синиша Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Планирано е ново задолжување на државата преку издавање на еврообврзница од над 950 милиони евра. Министерката за финансии, Гордана Димитриекса Кочоска истакна дека со новата еврообврзница би се сервисирал стар долг – враќање на долгот на претходната еврообврзница од 700 милиони евра и дополнителни 200 милиони евра за враќање на долгови кон странство. Објаснувајќи за што Владата би ги трошела парите од предлог буџетот за наредната година кој беше усвоен на последната владина седница, министерката најави дека е можно сумата на еврообврзницата да надмине една милијарда евра.
– Враќањето на обврзницата од 700 милиони евра најмногу му тежи на Буџетот. Дополнително на тоа има речиси 200 милиони евра дополнителни обврски кон странство, односно долгови од претходно што треба да ги вратиме. Од таа причина, финансирањето е предвидено да оди со еврообврзница од 950 милиони евра. Можеби тој износ ќе се зголеми затоа што се предвидени уште 350 милиони евра дополнително странско задолжување и уште 400 милиони евра на домашниот пазар – истакна Димитриеска Кочоска.
Според неа, зголемувањето на јавниот долг ќе биде износот на дефицитот, односно 39 милијарди денари и ништо повеќе од тоа.
– Се друго е за сервисирање на стари обврски коишто претходно биле создавани – рече Димитриеска Кочоска.
Во моментов јавниот долг изнесува 58,5% од БДП, а министерката не очекува дека до крајот на годинава ќе надмине 60%, иако за 2025 година беше предвидено јавниот долг да достигне над 62%.
Економските експерти велат дека стана пракса на државата задолжувањата да ги прави за враќање на некои стари долгови направени претходно и тоа не може да биде избегнато, но, поради тоа, се нарушува кредибилитетот на државата и нејзиниот финансиски бонитет.
– Задолжувањето треба да биде со структурна цел, да биде оправдано и со временска рамка за задолжување. Да, потребни се големи инфраструктурни проекти што ги финансира државата, но потребна е и помош на малите и средни претпријатија во кои има голем потенцијал. Погледнете, во центарот на Скопје има десетици затворени дуќани, тоа е сигнал дека малиот бизнис не е финансиран. Очекувам по изборите, покрај ребаланс на буџетот, Владата да излезе и со програма која ќе овозможи поголем раст на компаниите. Убаво е што стремиме да сме дел од ЕУ, како и да се инвестира во конкретни работи кои на долги стази даваат ефект, но дотогаш мора да им се даде шанса и на компаниите да преживеат – велат високи претставници од Стопанската комора на Северна Македонија.
Исто така, од Комората сметаат дека потребна е и програма за младите кои работат насекаде во светот да се вратат во татковината и да им се овозможи своето знаење и искуство да го применат овде.
– Такви програми има во соседните земји, не е некоја уникатна идеа, но недостасува кај нас. Да им се овозможи на овие млади да се вработат, бидејќи знаеме дека без членска книшка тешко се наоѓа работа. Исто така, банките не даваат кредити ако немате покриетие, некој имот, затоа е тука државата која треба да помогне за полесно финансирање – велат од Комората.
Оттаму очекуваат дека неповолната економска ситуација во Европа ќе предизвика дел од нашите гастабајтери да се вратат дома.
– Очекуваме да се враќаат најмладите наши емигранти, бидејќи веќе има мала разлика во квалитетот на животот таму и овде, како и кај оние кои што се пред пензија – потенцираат од Комората.
Позајмувањето е поедноставен и побрз начин да се внесат пари во Буџетот за обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните, но треба да се размислува и како да се вратат, сметаат други експерти што ги консултираше весникот ВЕЧЕР. Според нив, задолжувањето ќе се намали ако се зголемат приходите преку водење на политики за економски раст и во таа насока посочуваат на сузбивање на сивата економија.
– Сите во државата треба да се договориме дека мора да ни се издаде фискална сметка кога купуваме. Тој што не издава фискална сметка не краде. Исто така, државата треба да води политики што ќе ги зголемат економскиот раст, а потребно е да се врати и прогресивното оданочување, но тоа не беше добро искомуницирано и имаше неуспех. Треба да се зголеми и продуктивноста во државниот сектор, а со тоа и ќе се намалт трошоците. Значи има можности каде да се интервенира со посочените потези, тогаш и потребата за позајмување ќе биде помала – велат експертите.
Аналитичарот Синиша Пекевски е уште поконретен и ги лоцира причините за задолжувањето и на што се трошат парите.
– На нашите министри за финансии најлесен начин за пополнување на дупките во буџетот и лошото менаџирање на финансиите (т.е. проектирање на буџет), го покриваат со земање на огромни заеми под услови што секако не се поволни за нас. Дополнително заеми или кредити се земаат за да се вратат старите кредити, но и малку повеќе за дополнителни, нестратешки проекти. Досега не видовме некаков ефект од тие заеми, освен од континуирани вработувања на партиски војници во администрација, луксуз за министри во вид на нови автомобили, патувања, и слично. Доволно е само да погледнете каква е хигиената во државата, какви ни се патиштата, какви се државните клиники… Но, затоа ако погледнете во кабинетите на министрите ќе забележите само луксуз. Сеуште ми е свежо земањето на кредит од страна на една поранешна министерка за финансии, која велеше ова е кредит за вложување во човечкиот потенцијал во Македонија. Резултатот го гледаме секојдневно – вели Пекевски.
(С.Бл.)












