FOTO: RK Vardar - Facebook

Ракометарите на Вардар му се одмаздија на Кристијанштад со победа од 35:30 (17:16) во четвртото коло од Европската лига на ЕХФ. Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ се одигра пред околу 2.500 навивачи, а „црвено-црните“ ја исполнија својата мисија, го победија шведскиот ривал и се вратија на првата позиција во групата пред завршницата на оваа фаза.

Задоволството од прикажаната игра, по натпреварот го кажа и тренерот на најтрофејниот македонски клуб, Иван Чупиќ, кој им честита на играчите за изданието, а истовремено им се заблагодари и на навивачите за одличната атмосфера во СЦ „Јане Сандански“.

„Честитки за тимот за победата, но и за одличните навивачи на клубот. Сите сакаме да играме во ваква атмосфера. Очекувавме тежок меч, Кристијанштад, но и секоја друга екипа во Европската лига. Во првиот дел сакавме да го решиме мечот за десет минути, но мислам дека стабилноста која ја имавме во вториот дел во одбраната и во трпението во нападот, си изградивме резултат за заслужена победа. За три дена ни следат нови натпревари. Секоја победа е важна, но по сите трофеи мора да се оди со големи амбиции. Она што ние може да го правиме е да работиме макотрпно и да направиме се што е во наша моќ. Одиме чекор по чекор, меч по меч. Има работи кои треба да се подобрат, но работиме на нив“, изјави Чупиќ.

Дмитро Хориха беше прво име во вардаровиот тим со девет гола, седум постигна Јака Малус, додека со 15 интервенции средбата ја заврши голманот Милош Валах. Во гостинскиот табор најдобри беа Мансел со девет и Нилсен со осум гола.

Вардарци со шест бода го презедоа врвот на табелата во групата, Кристијанштад е трети со пет бодам, додека  Севасте со победата над Тулуз со 37:32, се искачи на втората позиција исто така со пет бода, а францускиот претставник е последен во групата без бодови.

ИЗДВОЕНИ