Наместо повици за „етничко гласање“, тетовскиот градоначалник и лидер на „Беса“, Билал Касами, почнал да испраќа мултиетнички пораки во пресрет на вториот изборен круг на локалните избори. Тоа се пораките што треба да му прилегаат на еден мултиетнички град каков што е Тетово. Ваков став денеска искажа премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со партнерот во Владата, Касами, предизвикана од однесувањето на тетовскиот градоначалник во последниов период. Лидерот на „Беса“ неодамна најави дека во Кичево ќе го поддржи кандидатот на опозициската ДУИ, Фатмир Дехари, од причина што е Албанец, а е во финална трка со Александар Јовановски, етнички Македонец, кој е кандидат на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање дали имал средба со еден од лидерите на „Вреди“, кој е кандидат за градоначалник на Тетово, Билал Касами, премиерот Христијан Мицкоски за време на денешната посета на ГОБ „8. Септември“ во Скопје одговори потврдно.
– Да. Јас се сретнав со Билал Касами. Разговаравме. И мислам дека тој веќе почна да ги испраќа оние вистински изјави кои треба да му прилегаат на еден градоначалник на мултиетничко Тетово – одговори кусо Мицкоски додавајќи дека очекува убедлива победа во шеесетина македонски општини.
Тој не објасни какви пораки испратил Касами, но очигледно од тетовскиот градоначалник премиерот добил ветување дека ќе го промени односот кој предизвика своевидна криза во односите меѓу партнерите во Владата, „Беса“, дел од коалицијата „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски неодамна прати остра предупредувачка порака до Касами дека неговите повици за „етничко гласање“ можат да предизвика реакција на членовите на ВМРО-ДПМНЕ во градови какви што се Тетово, Струга, Дебар.
– Понекогаш, кога ги реализираме стратешките цели, крвавевме како ВМРО-ДПМНЕ. И поднесовме жртва. Не беше лесно. Многу ми беше тешко кога ги гледав нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, Струга, Чаир и Дебар. И за тоа плативме цена. За тоа има жртва. Треба да се прифати дека поединечни градоначалници станаа градоначалници поради волјата и поддршката на Македонците, кои не треба да си дозволи да ги изневери. Секој чекор, повторувам, секој чекор, има акција и реакција – предупреди неодамна Мицкоски.
Но, и покрај ова, од редовите на коалицијата „Вреди“ следуваше нова провокација откако нивниот градоначалнички кандидат за општина Брвеница, Хаќим Рамадани, јавно изјави дека не смее да се дозволи со општината да раководи некој друг градоначалник освен оној со албанска етничка припадност. Рамадани, заедно со противкандидатот од првиот изборен круг од опозициската ДУИ, Енвер Пајазити, со вакви изјави отворено агитирале меѓу албанските иселеници во Германија и во Австрија. Рамадани оттаму порача дека „општината каде што има албанско мнозинство секогаш ќе се раководи само со Албанците“. На ова завчера реагираше премиерот Мицкоски, кој за време на престојот во Брвеница рече дека Рамадани „направил голема грешка и себичен потег и дека по изборите ќе биде разрешен од функцијата директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа“.
Кандидатот на „Вреди“, пак, имаше и одговор на предупредувањата на премиерот Христијан Мицкоски во кој прексиноќа наведе дека „не се откажува од Брвеница“.
– За мене честа, моралот и достоинството вредат повеќе од која било јавна функција. Нема да се откажам од општината за ниедна цена, ќе го заштитам секој жител на Брвеница, без разлика дали е Албанец, Македонец или друг – објави Рамадани.
Од друга страна, прексиноќа, Берат Азизи, кој е советник на Билал Касами во општина Тетово, во објавата на социјалните мрежи напиша дека „нема да дозволат Македонците да решаваат за тоа кој ќе биде избран за градоначалник на Тетово“.
– Последните изјави на Мицковски, фрустриран од големата поддршка што ја имаше Касами во првиот круг, дека нема да го поддржи Касами во вториот круг, јасно докажуваат дека вториот ќе има уште повеќе албански гласови во Тетово. Граѓаните нема да дозволат ниту Апасиев ниту Мицковски да одлучуваат за нас, туку ние самите. Затоа, поддршката што Касами ја бара од граѓаните на Тетово има врска со два многу важни елемента, како на локално, така и на национално ниво. Од локален аспект, таа нема да биде условена од никаков глас на македонските советници, додека во националниот аспект ќе има моќ да побара реформа и зајакнување на албанската позиција – нагласува Азизи.
Сега, по средбата меѓу Мицкоски и Касами, останува да се види каков ќе биде исходот на гласањето за градоначалник на Тетово, посебно во однос на изјаснувањето на етничките Македонци во оваа општина. Познато е, по првиот круг Касами беше прворангиран со освоените 19.028 гласови наспроти противкандидатот од НАИ Бајрам Реџепи кој доби 15.272 гласа. За нечија победа, извесно, ќе бидат клучни 3.298 гласови кои ги освои Катка Божиновска, кандидатка на Левица, Стевица Сарковски од ВМРО-НП – 1.625, но и оние 4.205 гласови кои ги освои советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, 1.238 листата на СДСМ, 534 листата на ЗНАМ… Во Тетово има 60.460 жители Албанци и 15.529 етнички Македонци.
Истовремено, в недела ќе се види и како ќе се однесуваат приврзаниците на „Беса“ во Кичево. Односно, дали по повикот за „етничко гласање“ од Касами за поддршка на Фатмир Дехари од ДУИ ќе го сменат својот однос и ќе гласат „мултиетнички“, со цел да се поддржи изборот на Александар Јовановски од владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ. По првиот круг Јовановски е во убедливо водство со освоените 11.682 гласа, наспроти 5.586 гласови за Дехари. Но, и тука е клучно каде ќе отидат 4.164 гласови кој ги освои кандидатот на „Вреди“ Фатмир Лимани, но и 4.006 гласови на независниот Шкодран Алили, кој има симпатии кон ДУИ. Во Дебар, во трката меѓу кандидатот на „Вреди“ Фисник Имери кој освои 3.227 гласа и независниот Рамадан Имери со 2.532 гласа, решавачки може да бидат 932 гласа за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и 806 за листата на СДСМ. Но, сепак, наредните денови ќе покажат какви пораки ќе бидат испратени до гласачите во овие но и другите општини. (Б. Ѓ.)
Не постои разговор со Мерко, не преговарам со луѓе на црна листа на САД
Не е точно дека постои разговор за коалиција со Рамиз Мерко, не преговарам со луѓе на црна листа на САД, изјави вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој одговори на новинарско прашање во врска со шпекулациите објавени на одредени портали за наводна коалиција со Рамиз Мерко.
–Тоа се портали кои, претпоставувам, се финансирани од еден ист центар, кој сега е разочаран бидејќи Рамиз Мерко не ги поддржува ДУИ во вториот круг. Претпоставувам, сега за да најдат противтежа, како да направат сензација за да ја потонат таа вест, вадат во јавноста комплетна невистина. Многупати во минатото ние сме го кажале нашиот став за Рамиз Мерко, така што, ете оставам на тој начин да прават и да креираат сензација, инаку апсолутно е неточно – рече Мицкоски.
Вчера и Мерко демантира дека имало вакви разговори. Тој, претходно, на социјални мрежи објави дека нема да го поддржи кандидатот на ДУИ Арсим Далипи.
– Се шират гласишта дека јас, Рамиз Мерко, ќе го поддржам кандидатот на НАИ во вториот круг. Сакам јасно да нагласам: јас, Рамиз Мерко, не го поддржувам кандидатот на НАИ на изборите – напиша Мерко. Дел од медиумите деновиве објавија дека Мерко се „испазарил со ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на независниот кандидат поддржан од ’Вреди’, Менди Ќира во Струга“. За возврат, наводно, требало да добие влез во Владата и неколку функции, но и амнестија за кривичните дела за кои се гони.
Кој пред кого коленичел во Карпош
Во жестока вербална конфронтација прексиноќа влегоа премиерот Мицкоски и актуелниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски. На партискиот митинг во Карпош со цел на поддршка на кандидат за градоначалник Сотир Лукровски, Мицкоски го обвини Јакимовски дека коленичел пред него за изборите во 2021 година.
– По првиот круг на локалните избори, Јакимовски дојде ненајавен, исплашен, во паника и нормално го примив. Велам што е работата Стевче? Вели „те молам ако треба и на колена ќе клекнам, те молам да ја имам вашата поддршка“. Јас го гледам и велам „немој, непријатно ми е, сепак си човек во години, не ти личи вакви работи, те молам седни на столчето, дај напиј се вода, ќе разговараме, да видиме како можеме да помогнеме, сепак сме коалиција, ние првиот круг победивме“. „Не, те молам пак ќе клекнам, што треба ќе направам, само да ме поддржите, вели народ може да те оправда, да те обели. Само народ може да ме обели да победам на избори и ништо не ми треба после“ – рече Мицкоски, додавајќи дека Јакимовски подоцна, по победата, му понудил да бира градежна маркичка за градба во Карпош, а што било веднаш одбиено.
На ова дојде одговорот од Јакимовски кој негира дека го молел на колена Мицкоски.
–Да беше Пинокио, носот ќе ти удреше во крстот на Водно. Јас за свои 65 години таква реченица немам изговорено. Тоа се реплики од турски серии, не од сериозни политичари. Вистината е дека Мицкоски дојде со список од 37 луѓе за вработување, бараше секретар на општината, директор на јавно претпријатие и на училиште, како и урбанистичка маркичка за фирма блиска до негов пријател од „Гранит“– му одговори Јакимовски на Мицкоски.
Лабудовиќ во Центар со ветувања за пензионери, Герасимовски со повик до граѓаните
Еднократна финансиска поддршка од 7.000 денари за сите пензионери во Центар чија пензија не е повисока од просечната пензија како и 12.000 денари за сите нови корисници на пензија во општината, најави вчера кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ.
– Тоа не е само помош – тоа е порака дека ги цениме луѓето кои целиот свој живот го посветиле на работа, семејство и заедница – изјави Лабудовиќ.
Горан Минчев, генерален секретар на ЗНАМ, во интервјуто за телевизија Сител состојбата во општина Центар ја опиша како последното гнездо на овозможување на бизнисите на двоецот Филипче – Заев, потпомогнато од Горан Герасимовски.
Герасимовски, пак, вчера ги повика сите жители на општината да учествуваат на првиот буџетски форум за 2026 година, кој ќе се одржи во вторник.
– Ги поканувам граѓаните со своите предлози, идеи и размислувања да се вклучат во дефинирањето на приоритетите што ќе придонесат за развој на локалната самоуправа – порача Герасимовски.












