„Се случува нешто ново и опасно“, рече Фон дер Лајен пред Европскиот парламент

199
EPA/OLIVIER HOSLET

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес, во обраќањето на пленарната седница на Европскиот парламент (ЕП), повика Европа да стекне капацитет да одговори на хибридни закани по неодамнешните, како што се верува, руски упади во воздушниот простор на неколку европски земји.

„Време е да го наречеме со своето име. Тоа е хибридна војна. Европа мора да стекне капацитет да реагира и да го заштити своето небо“, рече Фон дер Лајен на сесијата на ЕП посветена на неодамнешните руски нарушувања на воздушниот простор и критичната инфраструктура на земјите-членки на ЕУ.

Како што објави на својот профил на мрежата X, на сесијата присуствува и Мари Бјере, министерка за надворешни работи на Данска, актуелниот претседател на ЕУ.

Фон дер Лајен рече дека „нешто ново и опасно се случува“ на европското небо.

„Не треба само да реагираме, туку треба да одвратиме. Ако се двоумиме да дејствуваме, сивата зона само ќе се прошири“, рече таа во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур.

Европарламентарците ќе гласаат за резолуција за ова прашање во четврток.

Групата социјалисти и демократи во ЕП напишаа на својот профил на мрежата X дека руското нарушување на воздушниот простор не претставува изолирани инциденти, туку „хибридна војна за тестирање на колективната подготвеност на Европа“.

„Мораме да ги зајакнеме нашите одбранбени капацитети преку подобрување на нашата способност за откривање, припишување и пресретнување на овие упади, во соработка со НАТО“, напиша групата.

ИЗДВОЕНИ