Оскар Пјастри со месеци изгледаше како иден светски шампион, но по само неколку трки – сè тргна наопаку. Дури и љубителите на Формула 1 не знаат што поточно се случи со него, односно зошто дојде до толкав пад кај него. Тој изгледаше како возач што сигурно чекори кон титулата во Формула 1, но сè се промени „прекуноќ“. Австралиецот водеше во генералниот пласман на 15 трки и имаше огромни 34 бода предност пред тимскиот колега Ландо Норис на девет трки до крајот. Во тој момент, беше сметан за главен фаворит за титулата. Сепак, следуваше драматичен пад на формата, што целосно го смени текот на шампионатот.

Тој имаше серија од шест последователни трки без подиум, што беше сериозен аларм. Кулминацијата на неговите проблеми се случи во Азербејџан, каде што имаше катастрофален викенд, испаѓајќи и во квалификациите и во самата трка.

Додека тонеше тој, Норис ја презеде целосната контрола врз трката за титулата и на крајот ја освои својата прва светска титула во Абу Даби, со два бода пред Макс Верстапен.

Се појавија различни теории за да се објасни падот на Пјастри, од отворени теории на заговор до тврдења дека едноставно не му одговараат одредени патеки. Темата беше детално истражена од коментаторот на „Скај спортс Ф1“ и поранешен возач, Карун Чандок.

  • Оскар водеше во повеќе кругови од Ландо, победи на исто толку трки и беа 15:15 во квалификациите. Тоа покажува колку беа блиску. Ова е огромен чекор напред во однос на минатата година. Но, имаше три клучни викенди: Остин, Мексико и Бразил. Таму загуби 46 бода. Исто така, и во Баку беше чуден. Беше исто толку брз како Ландо, но сè беше хаотично, со грешки што не се типични за него. Таа трка навистина му ја разниша самодовербата. Ако го погледнете остатокот од сезоната, тие беа на исто ниво. Но, во тие три викенди се случи нешто мистериозно со неговата брзина – истакна коментаторот на „Скај спортс Ф1“.

Чандок признава дека, веројатно, нема да добиеме одговори наскоро.

  • Би сакал да знам што се случи. Постојат теории за патеки со малку прилепување и со нерамнини, но има возено на такви патеки и претходно. Можеби, за десет години ќе го прашаме што се случи навистина – вели коментаторот.

Покрај падот на формата, Пјастри беше погоден и од казни. Чандок верува дека некои од одлуките на стјуардите биле премногу сурови.

  • Во Силверстон доби казна од 10 секунди во текот на безбедносното возило. Мислам дека беше премногу сурово. Разговарав со возачите, вклучувајќи го и Џорџ Расел, и тие не мислеа дека е заслужено – додаде Карун.

Слична казна му беше изречена и во Бразил по судир на три болиди, што дополнително ја комплицираше неговата сезона.

Чандок пресмета дека Пјастри загубил 31 бод преку казни и дисквалификации, додека Норис 36, но поради различни околности.

 

ИЗДВОЕНИ