Лидерот на опозицијата Венко Филипче и премиерот Христијан Мицкоски влегоа во жесток дуел од собраниската говорница за случајот со наводите од ново нелегално прислушување од страна на вработени во тајните служби.
Филипче користејќи го пратеничкото прашање му се обрати на Мицкоски зошто не дозволува да се декласифицираат документите во кои тврди дека бил нелегално следен. Истакна дека е важно да се расчисти овој случај, не само за јавноста да ја дознае вистината, туку и за да не се фрли дамка врз професионалците вработени во АНБ, кои изминатиот период речиси и не беа споменувани.
„Зошто не дозволувате декласификација на сите тие материјали, секако со заштита на идентитетот на сите луѓе чии што податоци треба да останат доверливи, за јавноста конечно да дознае дали имало злоупотреба или не. Дали некој го прекршил законот или не? Треба ли некој да одговара?“, праша Филипче и нагласи дека целата приказна ја почнал премиерот, со најавите дека има индиции дека бил нелегално следен.
„Вие вчера изјавивте дека не сте биле следени директно, туку индиректно, и сега се отвораат многу прашања. Прво – дали навистина имало злоупотреба и дали сте биле следени како лидер на тогашната опозициска партија? Дали биле следени и други лица или групации со кои сте комуницирале?“, додаде Филипче и ја обвини власта дека ја манипулира јавноста и го потценува Собранието.
Премиерот одговори дека ова не го прави од егзибиционистички побуди и заради дефокусирање на јавноста, туку тоа што се случувало не било од сега туку години наназад.
„Некои други креирале вештачки белешки за некои луѓе да завршуваат во притвори, невистинити белешки, итн. Вие ги праќате тие луѓе по светот да бидат аташеа итн. Јас нема да навлегувам во деталите“, кажа Мицкоски и праша дали тогашниот премиер, кој сега е пратеник, бил информиран дека тоа е правено.
– Тоа е суштината, но тоа е периодот кога тој бил премиер. Пред него друг бил премиер и не знам дури дали тој знаел дека тоа било. Оставете ме мене јас сум ви бил политички противник, решил некој таму да се заигра малку повеќе, во ред разбирам, нема проблем. Во самата ваша Влада имало луѓе што биле покривани. Тоа е поголемиот проблем за мене. Затоа ви велам повторно ве носат во длабоко. Оставете ја таа работа. Дајте да зборуваме за други теми, рече Мицкоски.
Премиерот од собраниската говорница рече дека за разлика од белешките во кои тој е таргет на тајните служби во перод од 2018 до 2024 не можат да се најдат прислушкуваните материјали за обвинители и судии од Основниот суд Скопје, за кои обвинуваше министерот за внатрешни работи на почетокот на мандатот на Владата на СДСМ.
– Мандатот како Влада го почнавте со скандал за прислушување. Тогашниот министер за внатрешни работи излезе со скандал за прислушување, односно биле прислушувани обвинители и судии во Основниот суд Скопје. Никој ништо не знае каде се тие материјали. 15 месеци се трудиме да ги пронајдеме, ги нема. Повторно еден ден некој ќе се заигра, како што се заигруваше еден претходен претседател на СДСМ, и ги објавуваше во јавност приватните разговори, рече Мицкоски.
Пратениците кои се членови на Комисијата за надзор над тајните служби деновиве иако требаше, сепак не направија увид во документите од новиот случај на прислушување бидејќи во АНБ и АР им било кажно оти случајот е во предистрага во Обвинителството. (П.А.)