СЕ СИТНИ ЛИ ОПОЗИЦИСКАТА ЕВРОПСКА ИДНИНА? ДОМ ја напушти СДСМ, ќе прави коалиција со граѓански активисти?!

357

Напуштање на коалицијата предводена од СДСМ но и најава за формирање на „Коалицијата за зелена иднина“ со граѓански сојузници најави денеска партијата ДОМ. Одлуката е донесена на неодамнешната седница на Централниот одбор на партијата.

-Одлуката се однесува на напуштање на коалицијата со СДСМ и истата претставува принципиелен исчекор кон заштита на вредносниот интегритет на ДОМ. Кога процесите стануваат затворени, потребна е нова насока на самостојно, јасно и идеолошки доследно политички дејствување. ДОМ коалициите ги разбира како алатка за остварување на заедничките вредносни цели, но кога тие се губат, доаѓа моментот за нова насока. Оваа одлука е донесена со целосна почит кон соработката од минатото, но како политичка партија која се стреми кон инклузивност, доследност и отвореност, веруваме дека дојде време за нова, самостојна и одлучна насока – се вели во соопштението до медиумите.

ДОМ на минатите парламентарни избори беше дел од Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, а во која беа упште 12 други политички партии. Во соопштението се наведува и незадоволството од односот на СДСМ околу поставувањето на тешки услови, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, за кандидирање на независните кандидати на локалните избори.

Како што посочуваат од ДОМ, затоа со оваа одлука го најавуваат формирањето на „Коалиција за зелена иднина“, отворена платформа за идеи, заедничка акција и поддршка на автентични локални кандидати од граѓаните за граѓаните.

-Упатуваме отворен повик до сите активисти и активистки од граѓанскиот сектор, до младите и студентите и до сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еколошко, праведно, одржливо и европско општество: да влијаеме заедно, да делуваме здружено и да ја изградиме зелената иднина на Македонија. Наместо компромиси со политички партнери без визија, ДОМ ги отвора вратите само за граѓанските сојузници кои ја споделуваат вредносната мисија за зелена, праведна и инклузивна локална политика – се вели во соопштението на Демократска обнова на Македонија.

Врзано со ова, во редовите на граѓанските организации кои имаат независни советници по општините доѓаат изјави со резерви во однос на евентуалната соработка со ДОМ.

-Ниту имаме контакт со ДОМ, ниту сме заинтересирани за коалиција. Независните се токму тоа што во името стои – ни изјави Гројан Јовановски од граѓанската организација „Зелен хуман град“ и советник во Градот Скопје.(Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ