„Сè што ни е заедничко“ – читање на воздухот како политички медиум; Изложба во Музејот на современата уметност

45

Изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција која дише)“ која може да се види од вечерва, 27 ноември, од 20 часот, во Музејот на современа уметност во Скопје, ги воведува теоретските и политичките основи на „борбеното дишење“ како критичен метод за дејствување и читање на воздухот како политички медиум во институционалната сфера.

– Дишењето на ист воздух не значи дека дишеме подеднакво. Останувањето без здив, по правило, го следи животот на маргинализираните. Франц Фанон ги опишува соништата на колонизираното тело како „мускулести соништа: соништа за акција, соништа за агресивна виталност, за „борбено дишење“. Во време кога систематската злоупотреба ги гуши обесправените и катастрофалните владини или корпоративни практики го одземаат здивот на непривилегираните, предизвик е да дишеме длабоко и со полни гради. Оттука, инспириран од поимот „борбено дишење“ и распространетата метафора за останување без здив поврзана со угнетувањето, изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција која дише)“ прикажува како уметничките практики интервенираат, визуализираат и демонтираат атмосфери на колонијализмот, империјализмот и на капитализмот во рамките на институционалното и секојдневно живеење, се посочува кон изложбата.

На изложбата учествуваат Форензичка архитектура, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј, а кураторки се Мира Гаќина и Јованка Попова.

Притоа, од Форензичка архитектура ги документираат „токсичните облаци“ на воени и на индустриски операции кои ја претвораат атмосферата во оружје; во делото на Џумана Мана воздухот станува продолжение на територијата: колонизиран и надгледуван; Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман ја истражуваaт историјата на колонијалната екстракција и невидливиот воздух како траума што патува низ простори и тела; а проектот „Gaza Remains the Story“ на Палестинскиот музеј сведочи за постојаното задушување на една територија, политички, физички и симболички. Делото на Дурмиш Ќазим го открива задушениот воздух во изложбите и архивите на институциите во кои ромските тела и дела не се видливи; Зорица Зафировска, пак, преку својата интервенција за загадениот воздух во Скопје, го отвора локалниот хоризонт на оваа тема: дишењето како секојдневен политички чин во град кој живее под постојана токсична закана.

Едукативно видео од уметницата Зорица Зафировска изработено во соработка со Кирил Пржо

– Сите овие контексти се поврзани и сите произлегуваат од исти структури на насилство: капиталистичка екстракција, колонијални хиерархии и систематско исклучување. Проектот има за цел да го разоткрие насилството што се правиме дека не го гледаме, во нашата околина и културни простори и неговите материјални, социјални и политички состави. Оттука, најважно прашање е како можеме да научиме да ги детектираме шепотењата на маргинализираните апнеични тела и преку уметнички практики да размислуваме како да oвозможиме повторно да дишат?, се додава кон изложбата.

ИЗДВОЕНИ