Во јули година се издадени 401 одобрение за градење, а од нив, 228 се издадени на инвеститори за објекти во високоградбата.  А од цената на становите боли глава. Податоците на Народната банка покажуваат дека за 4 години, од 2021 досега, станбениот квадрат поскапел за 75 проценти

 

Градењето станови е очигледно најдоходовниот бизнис во државата. Oпштините постојано „штанцаат“ одобренија за градење и потоа никнуваат нови и нови згради. Тоа го потврдуваат и најновите податоци на Државниот завод за статистика, според кои во јули година се издадени 401 одобрение за градење, а од нив, 228 се издадени на инвеститори за објекти во високоградбата.  На издадени 232 одобренија (57,9 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 169 (42.1 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 667 станови со вкупна корисна површина од 60.676 квадратни метри. За споредба, во 2024 година, градежните компании изградиле 5.405 станови во вредност од 39,8 милијарди денари.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 31.699.433.000 денари (515,4 милиони евра), што е за 345,3 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Зголемената вредност се должи на фактот дека во референтниот период е издадено одобрение за градба за ветерен парк (за производство на електрична енергија од обновливи извори) во општините Штип, Радовиш и Карбинци, кој е со вредност од 500 милиони евра.

А од цената на становите боли глава. Според платформата „Цена Квадрат“, во Скопје и натаму станбениот квадрат е најскап. Така, во август просечната цена на становите во главниот град достигна 1.870 евра за квадратен метар и е за 24 евра поскапо од пикот во јули кога станбениот квадрат чинеше 1.846 евра. За споредба, лани во август просечната цена на становите изнесуваше 1.500 евра за квадратен метар, што значи дека за само една година имаме поскапување од цели 370 евра за м2.

Ова со цената на становите е тренд кој трае веќе неколку години. Податоците на Народната банка покажуваат дека за 4 години, од 2021 досега, станбениот квадрат поскапел за 75 проценти. А пописот од 2021 година покажа дека илјадници станови се невселени. Само во Скопје има речиси 60 илјади празни станови. Тоа го заинтригира гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој отвори сериозни прашања за потеклото на средствата со кои се купуваат тие станови.

– Пред пандемијата, 2019 година, соодносот на купување на станови и објекти за живеење бил поповолен во однос на кредитирањето. 65% се купувале на кредит, а остатокот од 35% во готово. Сега, по моите информации од колегите во Народна банка, односот е 50-50. Се разбира дека е вредно да се погледне од каде е изворот на тие средства – нагласи Славески.

Неконтролираното градење скопјани веќе го чувствуваат по здравјето, особено во зимскиот период, како и во намалената благосостојба бидејќи има сè помалку зелени површини и живеењето во густо населените простори е стресно. Доколку не се преземат мерки, постои ризик градовите да станат бетонски џунгли во кои луѓето ќе се чувствуваат затворено, наместо удобно.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ