ПОГЛАВАРОТ НА МПЦ-ОА СО ПРОШИРЕНА НАДЛЕЖНОСТ ВО ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКАТА ЕПАРХИЈА, ЈА ДОБИ И  “СВЕТА СОФИЈА“

Катедралниот храм „Света Софија“, кој е историско седиште на МПЦ-ОА, премина во надлежност на поглаварот – архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан. Со ова, за него веќе не е надлежен дебарско- кичевскиот митрополит и не е дел од Дебарско-кичевската митрополија. Освен ова, во надлежност на архиепископот Стефан прејде и еден објект што е дел од комплексот на охридски Плаошник и што сè уште е во изградба. Вакви промени биле извршени минатата година, паралелно со изборот на новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј, од стана на Синодот на МПЦ-ОА. Со ова практично е проширена надлежноста на архиепископот Стефан, кој надвор од Скопската епархија, под непосредна управа, досега го имаше само ставропигијалниот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта, Струга.

Изворите на весникот ВЕЧЕР од црковните кругови потврдуваат дека била донесена таква одлука.

– Со тоа, катедралната црква „Света Софија“ и дел од комплексот на Плаошник се во надлежност на македонската Архиепископија, односно на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан. Ова е еден вид ставропигија, иако под тој термин најчесто се подразбира директна јурисдикција на еден црковен поглавар врз некој манастир – наведуваат нашите извори.

На прашањето за мотивите за ваквата одлука во МПЦ-ОА, со оглед на фактот дека архиепископот под своја директна надлежност го има манастирот во Калишта, кој не е многу оддалечен од катедралната црква, објаснувањето е дека станува збор за различни подрачја.

– Манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ е во рамките на Струшката парохија. Архиепископот досега немаше надлежност врз ниту еден храм на подрачјето на Охрид, кој е наше историско седиште. Сега ќе ја има – наведуваат нашите извори.

Според сознанијата, преземањето на надлежноста врз црквата „Света Софија“ била дамнешна желба на архиепископот Стефан, но на тоа категорично се спротивставувал поранешниот митрополит, Тимотеј, кој почина во ноември 2024 година.

Објектот во комплексот Плаошник, кој сè уште е во фаза на изградба, треба да биде наменет за резиденцијални потреби, односно за негово користење од страна на поглаварот, но и на високите црковни гости што ќе го посетат Охрид.

Катедралната црква „Света Софија“ е најзначајниот храм на МПЦ-ОА и е посветена на Христос како божествена премудрост, т.е. св. Софија. Оваа црква претставува една од најзначајните знаменитости во Македонија со средновековната архитектура и со фреските. Во еден долг временски период, таа била соборна црква на Охридската архиепископија, чија црковна власт се протегала на север од Дунав до албанските брегови на запад и до Солунскиот Залив на исток. Времето на изградбата не може точно да се утврди, бидејќи не е зачуван ниту еден натпис што би упатувал на тоа, но се претпоставува дека е подигната по големата мисија на свети Кирил и на свети Методиј врз темелите на стара сакрална градба. Најверојатно, таа служела како катедрала уште во времето на цар Самоил, кој кон крајот на X век ја пренел својата престолнина од Преспа во Охрид.

Ваквото значење на катедралната црква и нејзиното преминување под надлежност на архиепископот г.г. Стефан го подгреаја прашањето дали мотивот за одлуката е и префрлување на седиштето на МПЦ-ОА од Скопје во Охрид. Такви барања и размислувања имало во изминативе години, со оглед на значењето на Охрид како црковен историски центар и седиште на архиепископите.

– Но, таков мотив нема. Нема такви идеи и размислување за префрлување на седиштето во Охрид, засега – наведуваат нашите извори. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ