Се руши „Вартекс“ Вараждин, ќе се гради трговски центар – дефинитивен крај на југословенскиот текстилен гигант

48

Во Вараждин почна рушењето на поранешната фабрика „Вартекс“, некогаш една од најголемите и најпознатите текстилни компании во Хрватска, која на просторите на поранешна Југославија особено беше позната по производството на популарните фармерки „Левис 501“

На местото на фабричкиот комплекс кој има површина од 50.000 квадратни метри ќе се гради трговскиот центар „С-ПАРК Вараждин“, инвестиција на „СЕС Спар Европски трговски центри“ вредна повеќе од 28 милиони евра. Според плановите, центарот треба да биде завршен до 2027 година, а во него треба да има 12 продавници, хипермаркет „Интерспар“, угостителски објекти, околу 430 паркинг места, станици за полнење електрични возила и држачи за велосипеди.

Сепак, седум згради во кругот на „Вартекс“ нема да се срушат, затоа што имаат  статус на индустриско културно наследство. Меѓу нив се административната зграда од 1906 година, старата градска електрична централа од 1928 година и фабричкиот оџак изграден во 1934 година. Овие елементи ќе бидат интегрирани во новиот центар, со цел да се зачува врската со историјата на просторот.

„Вартекс“ е основан во 1918 година и во периодот на најголем развој имал речиси 12 илјади работници. Во 2024 година, Трговскиот суд во Вараждин отвори стечај за компанијата, производството беше затворено, а имотот почна да се продава за да се задоволат доверителите. Последните продавници беа затворени лани.

ИЗДВОЕНИ