Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ претходно ветуваше дека ќе биде поправена, бидејќи во неколку наврати пропаѓаа камиони во неа, но не се случи тоа. Место атракција како некогаш, фонтаната е оставена на забот на времето и сè повеќе се уништува. Водата прскаше одоздола, а од светилките во разни бои се појавуваше ѕуница, која беше интересна особено за децата, кои во летниот период, трчајќи, минуваа низ млазовите вода. Сега, место светла, кои се украдени, на одредени места зјаат дупки
Подната фонтана на Градскиот плоштад петта година по ред е нефункционална и е оградена со црвени ленти и со жардиниери во кои има садници што овенале од топлото и од неодржувањето.
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ претходно ветуваше дека ќе биде поправена, бидејќи во неколку наврати пропаѓаа камиони во неа, но не се случи тоа. Место атракција како некогаш, фонтаната е оставена на забот на времето и сè повеќе се уништува.
Водата прскаше одоздола, а од светилките во разни бои се појавуваше ѕуница, која беше интересна особено за децата, кои во летниот период, трчајќи, минуваа низ млазовите вода. Сега, место светла, кои се украдени, на одредени места зјаат дупки.
И во инвестициската програма за 2025 година на ЈП „Водовод и канализација“, како и во програмите за инвестиции за изминатите неколку години, воопшто не се предвидени пари за поправка на фонтаната.
Иако беа дадени 2,5 милиони евра за фонтаната, тоа не беше доволен мотив таа да се одржува и чува.
Изградбата на фонтаната, како и другите фонтани на плоштадите „Македонија“ и „Филип Втори“, беше дел од проектот „Скопје 2014“.
Фонтаната беше пуштена во употреба во 2015 година. Нејзиното работење, кое беше радост за најмладите, траеше многу малку.
Во 2017 година, во неа пропадна камион додека се подготвуваше бината за пречек на ракометарите на Вардар по освоената титула на Европското првенство. Подоцна, во неа пропадна возило на „Комунална хигиена“, чистејќи го плоштадот „Македонија“. Пропадна и камион во текот на фестивалот „Пививоленд“, а потоа – возило на турска фирма.
– Сè полека пропаѓа и се распаѓа. Градот повеќе не е тоа што беше некогаш. Никој не се грижи за ништо. Надлежните воопшто не го одржуваат она што е направено за добро на сите, иако се потрошени многу пари за него. Навистина не можам да разберам – реагира скопјанка.
Пред неколку години, Град Скопје, кој е сопственик на фонтаните, му ја префрли обврската за нивно одржување на ЈП „Водовод и канализација“. Претпријатието одржува 12 фонтани во централното градско подрачје, меѓу кои, освен подната фонтана, е и фонтаната „Воин на коњ“, како и оние кај црквата „Света Богородица“, кај црквата „Свети Ѓорѓија“ на плоштадот „Филип Втори“ и други.
Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“, до затворањето на весникот, не одговорија каква е нивната намера со подната фонтана, дали ќе ја поправат во скоро време и која е причината што не е преземено ништо досега таа да се стави во функција.
(А. П.) Фото: (П. С.)