Коалицијата „Вреди“ нема да го поддржи Фатмир Дехари, кандидатот на коалицијата НАИ предводена од ДУИ во вториот круг од гласањето за избор на градоначалник на Кичево. Со ова значително се зголемуваат шансите на Александар Јовановски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да триумфира во трката во која влегува со значителна предност со бројот на гласовите во однос на Дехари. Неизвесноста околу исходот на трката во Кичево нагло се зголеми откако еден од лидерите на „Вреди“, тетовскиот градоначалник Билал Касами и првиот човек на Беса, неодамна најави дека тие ќе го поддржат Фатимир Дехари бидејќи е етнички Албанец. Ваквата најава на Касами, кој очекува поддршка на приврзаниците на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за избор за градоначалник на Тетово, наиде на остар одговор од премиерот Христијан Мицкоски. По тоа стана неизвесно што ќе се случува со претходно договорената заемна поддршка меѓу коалицијата „Вреди“ и онаа на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, дилемите во најголема мерка ги расчисти останатиот дел од раководството на коалицијата „Вреди“. Во денешното соопштение, „Вреди“ потсети дека побарала кандидатот на ДУИ за Кичево, Фатмир Дехари, да се повлече од изборната трка по објавените компромитирачки материјали.
–По објавувањето на компромитирачките материјали, коалицијата „Вреди“ побара повлекување на кандидатот на НАИ од трката за да се заштити достоинството на процесот. Но, тој одлучи да продолжи, ставајќи го Кичево во нефер позиција и докажувајќи дека за оваа политичка каста, власта е последниот политички кислород. Ова е последица на политиката која со години сè градеше врз ароганција, лаги и лично пазарење, мислејќи дека секој скандал „поминува за три дена“. За коалицијата „Вреди“, како што рековме, јавниот морал не е предмет на преговори. Затоа, сега луѓето од Кичево мора сами да ја донесат пресудата – се наведува во соопштението од „Вреди“.
Оттаму додаваат дека политиката градена 20 години со самозадоволство, измама и ароганција се урнала на 19 октомври како кула од карти.
– Победите на „Вреди“ во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино, Теарце и убедливото водство во Тетово, Боговиње, Дебар, Струга, Брвеница и Долнени се јасниот одговор на Албанците на ПР-трикот „референдум“ што го трубеше мачното трио Ахмети –Таравари – Села со месеци. Во Кичево се виде вистинското лице на старата политичка каста. Кога избувна скандалот, одговорот беше ист како 20 години по ред „да го поминеме и ова, како и секој друг пат“. Ова е филозофијата што ги држи Албанците како заложници, затворете ги очите, преправајте се дека не слушате, а утре продолжете како ништо да не се случило – се додава во соопштението од „Вреди“.
Вчера премиерот Христијан Мицкоски остро одговори на потегот на Билал Касами и поддршката на Дехари нагласувајќи дека коалиционите партнери не смеат да се делат околу етнички теми.
–Сите што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто од политиката, нека го видат и нека научат од примерот и од падот на ДУИ и ќе разберат на што мислам. И тоа е добра лекција за некои други политичари од македонската политичка сцена, кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партнери треба да сме подготвени да се обединиме и да поддржиме вредности, а не да се поделиме на етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизмот и слични етнички процедурални разлики – порача Мицкоски во завчерашното обраќање по повод празникот 23 Октомври.
Тој рече дека граѓаните не треба да се третираат како контингенти гласови кои може човек да ги насочи.
– И тоа е погрешно. Луѓето треба да се третираат како луѓе со човечки судбини кои сакаат подобар живот и кои треба да гласаат по сопствено убедување. Треба да се прифати дека поедини градоначалници станаа градоначалници поради волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволи да ја изневерат. Многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата која сме ја дале за друг, не ја добивме и тоа нема да го заборавиме. Секој чекор, повторувам, секој чекор, има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата – рече Мицкоски.
Денеска и вицепремиерот Александар Николоски испрати порака до Касами нагласувајќи дека политиката на етнички поделби се удрила во ѕид и завршила неславно.
–Не можете вие да држите митинзи и да зборувате дека треба во Тетово да победи Билал за да не се врати ДУИ, а во исто време да кажете во Кичево „гласајте за ДУИ“. Тоа е непринципиелна политика – нагласи Николоски.
Со недавањето на поддршката на Дехари од страна на „Вреди“, практично, се разјаснуваат најголемите дилеми врзани за вториот круг на гласањето во Кичево. Познато е, во првиот круг на гласањето Александар Јовановски освои 11.682 гласа, а што е значителна предност во однос на второпласираниот Дехари, кој доби 5.586 гласови. Главната дилема беше на чие конто ќе отидат гласовите што ги оствари кандидатот на „Вреди“, Фатмир Лимани – 4.164, а кој како третопласиран испадна од финалето? Сега, тие гласачи ќе треба да решат дали ќе го прифатат укажувањето на лидерите на „Вреди“ кое оди кон поддршката за Александар Јовановски или не? Решавачка улога може да одиграат и 4.006 гласови на независниот кандидат од прв круг, Шкодран Алили, а кој важи за близок до ДУИ и во кампањата изјавуваше дека најголем противник е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, од редовите на ДУИ се најавуваат активности за мобилизација на гласачите и за што поголем одѕив со цел да се соберат што повеќе гласови за Дехари. (Б. Ѓ.)
Билал Касами: Фокусиран сум на Тетово, за Кичево има став на коалицијата
Лидерот на Беса и актуелен градоначалник на Тетово Билалк Касами денеска во Тетово одговори на острите укажувања на премиерот Мицкоски дека не смее да се случуваат поделбите на етнички теми и прашања врзано за изборна трка во Кичево.
-Сите граѓани во Тетово ме знаат дека сум градоначалник на сите граѓани, без разлика на нивната верска и етничка припадност. Односно, дека сум реализирал големи проекти, и во селата каде победиле моите политички опоненти и во средините каде во мнозинство се етнички Македонци, Турци, Роми. За мене се важни сите граѓани и во иднина ќе бидам градоначалник на сите граѓани без разлика на нивната национална и верска припадност – рече Касами како одговор на новинарско прашање.
На конкретното прашање околу тоа кого ќе поддржува во Кичево тој одговори дека за тоа став има коалиција Вреди.
-Јас сум сега фокусиран на победата во Тетово, а за другите теми има ства дадн од коалицијата – рече Касами.












