Христијанските верници денеска го одбележуваат големиот празник Божиќ, денот на раѓањето на Исус Христос, кој се смета за симбол на мирот, љубовта и надежта. Празникот се прославува во семејна атмосфера, со почитување на вековните христијански обичаи и традиции.
По завршувањето на бадниковиот пост, утрово во храмовите ширум земјата се одржуваат божиќни литургии, на кои верниците упатуваат молитви за здравје, благосостојба и мир.
Во домовите, празникот се дочекува со божиќна трпеза, а семејствата го разменуваат поздравот „Христос се роди – Навистина се роди“.
Божиќ нè потсетува на вистинските вредности – на семејството собрано околу трпезата, на топлината на домот, на тивката молитва и искрената желба за добро. Тоа е ден кога се простува повеќе, се зборува помалку, а се чувствува подлабоко. Ден кога малите нешта стануваат најголеми подароци – насмевка, прегратка, збор кажан од срце.












