Се преселила во „град на духови“ и открила како е да се живее таму

134

Футуристичкиот шумски град во Малезија, во кој кинеската компанија „Кантри Гарден“ инвестираше неверојатни 92 милијарди евра, требаше да стане дом на стотици илјади жители. Речиси една деценија подоцна, наместо жива метропола, сега владее морничава тишина – градот е дом на само околу 9.000 луѓе.

Проектот, замислен како визија за „паметен град на иднината“, се претвори во симбол на неуспешни амбиции и економски тешкотии.

Сонот на инвеститорот за создавање еколошка, технолошки напредна заедница исчезна под тежината на бројни проблеми. Изградена е само 15 проценти од планираната инфраструктура, а поголемиот дел од локалното население не може да си дозволи да живее во луксузните згради што се завршени.

Дополнителни удари дојдоа од неколку насоки: кризата со недвижностите во Кина, ограничувањата на кинеската влада за странски инвестиции и одлуката на поранешниот малезиски премиер да ги блокира визите за кинеските купувачи, сметајќи го проектот за „град за странци“. Последниот удар беше пандемијата од 2019 година, која ги затвори границите и ги спречи потенцијалните жители да пристигнуваат.

И покрај празните улици и напуштените згради што привлекуваат јутјубери и урбани истражувачи, Форест Сити полека оживува. За некои, неговата изолација и тишина се предност.

За оние кои сакаат мирен живот покрај морето, недвижностите се исклучително прифатливи – станови со базени, тениски терени и теретани може да се изнајмат по цени што се многу пати пониски отколку во Куала Лумпур или Сингапур. Но, наоѓањето отворен ресторан или продавница останува вистински предизвик.

Локалните агенти за недвижности велат дека интересот полека се зголемува, а становите постепено се полнат.

Една од новите жители, Вафа Аина Вахид, за CNA Insider изјави дека била привлечена од комбинацијата на цена и практичност.

„Можам да изнајмам стан со две бањи тука за помалку од 390 евра месечно. Многу е попристапно отколку на друго место“, објасни таа. „Конечно, нема да морам да бидам во врска на далечина со мојот сопруг. Тој може да патува до работа оттука секој ден.“

Иако градот малку се полни, проектот е сè уште далеку од својата оригинална визија. „Кантри Гарден“, еден од најголемите инвеститори во Кина, сега се бори со долг од околу 200 милијарди долари, што го доведува во прашање завршувањето на планираната инфраструктура.

Компанијата формално се обврза да го заврши проектот, но сè повеќе аналитичари веруваат дека „Форест Сити“ засекогаш ќе остане полупразен споменик на преамбициозните планови.

За оние на кои не им пречи да живеат во луксуз среде тишина и празни улици – „Форест Сити“ сè уште нуди она што не можете да го купите на друго место: мир, простор и поглед на морето без гужви.

 

ИЗДВОЕНИ