Директорот на ТИРЗ Гоце Димовски заедно со амбасадорот во Република Хрватска, Драган Ѓурчевски во Загреб разговараа со Матија Шешок, претседател на управниот одбор на хрватската компанија Елка, која е дел од Искра групацијата. На средбата се разговараше за потенцијалните можности за изградба на нова фабрика за електрични кабли во рамките на ТИРЗ, која би била специјализирана за производство на високонапонски до екстремно високо напонски кабли, информираат од ТИРЗ.
Директорот Димовски ги посочил можностите кои ги нуди Македонија како држава, односно ТИРЗ, со особен акцент на поволната бизнис клима и актуелните политики, земајќи предвид дека државата е лидер во регионот кога станува збор за странските директни инвестиции.
– Како земја нудиме најразлични поволности за странските инвестиции кои носат додадена вредност во нашата економија, моментално сме и рангирани како една од првите шест земји лидери во светот кога станува збор за странските инвестиции. Оваа нова потенцијална инвестиција е значајна од повеќе аспекти, земајќи предвид дека ова би била првата фабрика надвор од Хрватска со што ќе се унапреди и позицијата на Македонија на мапата на СДИ – истакнал Димовски.
Претседателот на управниот одбор на Елка, Матија Шешок, нагласил дека Македонија претставува стабилен партнер со предвидлива деловна клима.
– Препознаени сме како водечки производител на електрични кабли во Централна и Источна Европа со силна посветеност на квалитет и иновации, како единствен производител на среднонапонски и високонапонски кабли во регионот. Верувам дека новата потенцијална инвестиција ќе има силно влијание врз технолошкиот и одржлив развој на Македонија, како и зголемувањето на извозот – кажа Шешок.
Основана во 1927 година, компанијата Елка има богато наследство од речиси еден век во индустријата за електрични кабли. Производствениот погон, сместен во Загреб, работи од крајот на 1970-тите, заземајќи огромна површина од 88.000 м², со годишни капацитети што овозможуваат производство на 25.000 тони готови производи, појаснуваат од ТИРЗ. Во јули 2021 година, по одобрение од органите за конкуренција во Хрватска и Словенија, компанијата ЕЛКА стана дел од групацијата ИСКРА, што го означи почетокот на нов циклус на континуирани инвестиции, развој и раст.