петок, септември 4, 2026
Дома СВЕТ Се празнат трезорите на САД: Европа се плаши од војна и од...

Се празнат трезорите на САД: Европа се плаши од војна и од Трамп, златото од Америка си го враќа дома

1

По Германија и Франција, златните прачки од САД ги пресели и Холандија, какопричина наведувајќи ги зголемените геополитички немири. Трансферот следуваше по повиците на европските политичари и лобистите на даночните обврзници да се преместат златните резерви од САД, со предупредувања дека несигурната американска влада на претседателот Доналд Трамп би можела да ги заплени во услови на зголемени трансатлантски тензии, пишува „Фајненшал тајмс“

Холандската централна банка пресели повеќе од 78 тони злато од Њујорк во Лондон, а како причина ги наведе „зголемените геополитички немири“. Сложената операција на селење на златото траела со месеци, при што дел било физички преместено, а дел продадено во САД и со тие пари купено ново во Лондон.

Во соопштението на централната банка – ДНБ се наведува дека оваа одлука е донесена со цел да се зајакне „подготвеноста за кризи“ со порамномерно распределување на златото низ јурисдикциите. Трансферот следуваше по повиците на европските политичари и лобистите на даночните обврзници да се преместат златните резерви од САД, со предупредувања дека несигурната американска влада на претседателот Доналд Трамп би можела да ги заплени во услови на зголемени трансатлантски тензии, пишува „Фајненшал тајмс“.

Холандската централна банка соопшти дека нејзиното злато складирано во Банката на Англија ги исполнува „сите современи меѓународни трговски стандарди“ и е најлесно тргуваното злато во светот. Во случај на криза, тоа ќе биде побрзо достапно од златото кое се наоѓа на друг континент. Гувернерот на  банката, Олаф Шлајпен, изјави дека овој трансфер го подобрил тргувањето со холандските резерви на злато.

– Очекуваме дека никогаш нема да мора да го користиме, но треба да ја зголемиме нашата отпорност и нашата подготвеност, рече тој.

Лондон е најголемото светско седиште на тргувањето со скапоцени метали во светот, со повеќе од 900 милијарди долари трансакции со злато секоја недела. „Фајненшал тајмс“ наведува дека овој „политички чувствителен потег“ на Холандија доаѓа во време на историски пораст на цената на златото, која се зголеми за 25 проценти во последните 12 месеци и сега изнесува околу 4.364 долари за тројанска унција. Холандската централна банка има вкупно 612 тони злато. Подигна повеќе од 78 тони од Њујорк, како и седум тони од Отава. Од тие количества, само 27 тони донесе од  САД и Канада за складирање во Европа, а остатокот го продаде во Америка и со тие пари купи нови златни прачки во Лондон.

Одлуката на Холандија за повлекување на државното злато од САД следуваше по сличен потег на Франција, која го подигна  целото свое злато од Њујорк помеѓу јули 2025 и јануари 2026 година, потсетува британскиот весник, додавајќи дека гувернерот на француската централна банка во тоа време рекол дека одлуката не е политички мотивирана. Банката на Франција (БдФ) соопшти дека вкупното количество на златото изнесувала 129 тони или околу 5 % од вкупниот имот на банката. Франција е една од водечките земји во светот, која складирала дел од своите  златни прачки во Банката на федерални резерви на Њујорк уште од 1920 година. При преземањето на златото, Франција ја применила истата стратегија како сега Холандија: наместо физички да го транспортира, го продала во САД, па купила ново и остварила профит од 11 милијарди евра во тој процес. Сега своите златни прачки Франција си ги чува дома. Вкупната големина на златните резерви сè уште се околу 2.437 тони, кои се сместени во подземниот трезор на БдФ „Ла Сутерен“ во Париз, кој се наоѓа 29 метри под нивото на улицата.

Германија, пак, си го донесе дома своето злато тешко 1.500 тони уште пред десетина години. Тогаш од САД повлече златни резерви вредни 200 милијарди долари.

Потегот на Холандија изгледа како да е точно навреме, по вчерашната изјава на американскиот претседател на САД, Доналд Трамп, кој рече дека ќе побара од европските земји да им надоместат на САД за воената помош и муницијата претходно испратени во Украина, алудирајќи дека продажбата на оружје на сојузничките земји може привремено да биде стопирана. Тој додаде дека стотици милијарди долари се дадени на Украина и НАТО бесплатно, обвинувајќи ја за тоа администрацијата на Џозеф Бајден и најави дека САД, иако со задоцнување, ќе ги побараат тие пари назад.

 

ИЗДВОЕНИ