Во месноста Плац во Илинден, во моментот се изведуваат градежни активности на секундарната линија на фекалната канализација, со што ќе се овозможи приклучување на домаќинствата на изградената фекална канализација во должина од 4.200 метри, кои преку двата изградени препумпни уреда се поврзани со колекторскиот систем Илинден – Марино.
Од Општина Илинден велат дека дополнително ќе се создадат услови за да се изврши целосна реконструкција на улицата „30“, во должина од 650 метри, која била оштетена поради изградбата на фекалната канализација.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, нагласи дека овој проект опфаќа дел од населбата што се наоѓа на најниската кота и е најпогоден од поплави при интензивни врнежи.
– Со реализацијата на овој проект, конечно, ќе се реши долгогодишниот проблем со поплавување на домовите и на дворовите на жителите од влезниот дел на населбата Илинден. Овој вид вложување во комуналната инфраструктура има големо значење за локалниот економски развој, заштитата на животната средина и за подобрување на условите за живеење – истакна Георгиевски.