Финалето на поднесувањето на кандидатурите за октомвриските локални избори го потврди трендот што се најавуваше – вадење и на најсилните кандидати за локалните функции од страна на политичките партии. Ова како од партиската хиерархија, така и од ешалоните на власта на најразличните нивоа на кои тие имаат свои најважни кадри. Досега, во процесот на кандидирање за локалните избори, јавноста беше сведок на кандидатури на вицепремиери, на министри и на пратеници за функцијата градоначалник, па дури и за општински советници. Трендот од минатите изборни, очигледно, продолжува, но со него истовремено се отвораат и прашањата што ќе се случува со овие владини функционери и пратеници доколку бидат избрани на пониските функции. Дали, имено, ќе ги заменат своите министерски кабинети и плати со градоначалничките фотелји, плати и советнички хонорари или, пак, веднаш по изборот ќе поднесат оставка за и натаму да останат во владините редови и ќе му го препуштат местото од советничката листа на кандидатот зад нив?
Јавноста досега виде десетина примери на вакви кандидатури. Владиниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ е кандидиран за влез во општинскиот Совет на Куманово. Од редовите на коалицијата „Вреди“, вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, се кандидати за градоначалници на општините Чаир и Кичево. Нивни кандидат за скопски градоначалник е директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe, Башким Бакиу, за Дебар – заменик-директорот на Управата за јавни приходи – Фисник Мела, во Сарај кандидат е директорот на државното претпријатие „Номагас“ – Мухамед Елмази, во Липково директорот на Државните резерви на нафта – Неџмедин Садику, во Теарце директорот на Бирото за регионален развој – Даут Мемиши, а во Брвеница директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа – Хаќим Рамадани. Опозициската коалиција НАИ, предвидена од ДУИ, го кандидира пратеникот Скендер Реџепи за скопски градоначалник. Левица, исто така за оваа функција, го кандидира својот пратеник Амар Мециновиќ. Значи, низа државни раководители кои ќе останат на функцијата и во изборниот период и кои редовно ќе примаат високи плати за тоа и покрај дилемата колку ќе може да им се посветат на основните функции. Но, никој од нив досега не поднесе оставка на своите функции, па дури ни кандидатите на оние партии што имаа став дека оние што ќе влезат во изборната трка за градоначалничка фотелја треба да се поднесат оставка. Владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, неодамна ја прозва Левица зошто, на пример, не бара нејзиниот кандидат, Амар Мециновиќ, да се откаже од пратеничката функција.
– Дали ќе побара Димитар Апасиев сега од Амар Мециновиќ да поднесе оставка од пратеничката позиција откако денеска се кандидираше за градоначалник, како што бараше претходно? – прашаа неодамна од ВМРО-ДПМНЕ.
Вицепремиерот Изет Меџити, откако се кандидира за градоначалник на Чаир, неодамна објави дека „за Чаир, се согласил да ја напушти Владата и да се врати меѓу својот народ“.
– Верувам и сигурен сум дека го направив правилниот избор – напиша вицепремиерот Изет Меџити на „Фејсбук“.
Но, тој и натаму е вицепремиер и министер, по што и натаму останува енигмата што ќе направи доколку биде избран за општински татко.
Досега, во изборната практика, само дел од пријавените кандидати за локалните функции поднесувале оставка на оние позиции што ги имале до тој момент во Владата или во Парламентот. Некои, пак, се решавале да си заминат од министерските функции откако ја добиле довербата од граѓаните да ја водат тамошната општина. Но, во најголема мера, нивното кандидирање за пониските локални функции најчесто било мотивирано со желбата да се освојат што поголем број гласови на избирачите. Политичките аналитичари наведуваат дека е очигледна намерата да се привлечат гласови.
– Нормално дека таквите кандидатури се со намера да се привлечат гласови, а не реално да стане функционер, особено не член на Советот во Општина Куманово, од позиција на вицепремиер во Владата. За жал, тоа се прави, бидејќи нема закон со кој ќе се оневозможи кандидирање без претходно да поднесете неотповиклива оставка од актуелната позиција – вели за весникот ВЕЧЕР аналитичарот Благојче Атанасовски, додавајќи дека ќе биде морален чин таквите функционери однапред да се повлечат од владините функции.
Законите во државата не предвидуваат обврска на избраните градоначалници или, пак, општински советници да мора да останат на функцијата на која се избрани. Оттаму, тие можат да поднесат оставка по изборот, оставајќи им ја функцијата на партиските комбинаторики откако ќе биде обезбеден добар изборен резултат. Оттаму, и сега тешко може да се очекува таков пример, дека еден вицепремиер ќе ја смени својата функција со онаа советничката.
– Апсолутно, не може да се очекува тоа. Кој би се повлекол од вицепремиер за да стане советник? Во Македонија нема грам срам и морал во политиката, затоа сме на ова дереџе каде што сме. Би било чесно и морално ако имаат нашите функционери морал, но никој актуелен функционер, особено не пратеник, не би си дал оставка ако не е сигурен дека ќе стане градоначалник, бидејќи ќе остане „на улица“. Треба да се смени Законот, но тие што го прават ова се тие што треба да го променат. Односно, нема да донесат закон што ќе оди спроти нивните лични и материјални интереси – потенцира аналитичарот Атанасовски. (Б. Ѓ.)












